Заболените не биле од водата, туку од храната и летните жештини - вели директорката на гостиварски „Водовод“

Додека надлежните институции воведоа забрана за користење на водата за пиење во Гостивар поради сомневање за загадување, директорката на ЈП „Водовод“ Артана Асани тврди дека водоснабдителниот систем не е причина за зголемениот број заболени граѓани.

Како што пренесува ТВ „Телма“, таа ги отфрла наводите дека водата е извор на епидемијата која деновиве го зафати градот.

Според Асани, меѓу заболените има и лица кои користеле исклучиво флаширана вода, поради што смета дека причините за здравствените проблеми треба да се бараат на друго место.

„Меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“, изјавила директорката, додавајќи дека според неа, можно е симптомите кај повеќе од 1.200 граѓани да се резултат на консумирана храна или на високите летни температури, пренесува Телма.

Нејзините тврдења, сепак, се разликуваат од информациите што ги објавија Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи.