За жал, во првото полувреме не се прославивме, требаше да извлечеме поука од Италија

Д-р Драган Даниловски, епидемиолог и универзитетски професор, вели дека во првото полувреме не се прославивме во однос на тоа како се справуваме со коронавирусот. Тој предупредува дека не се работи за обично „грипче“ и требаше да извлечеме поука од Италија.

Ви ја пренесуваме изјавата на д-р Даниловски во целост:

„За жал, во првото полувреме не се прославивме… покажавме дека мнозинството од нас немаме свесност за тоа дека, кога се живее во колектив, колективниот интерес е над индивидуалниот. Дека личните права и слободи задолжително се стеснуваат, кога е загрозен колективниот интерес… овој пат, колективното здравје… без оглед на социјалниот статус, политичка боја, нација…

Сите се најдовме во иста каша. И наместо, поучени од горчливото искуство на Италијаните, сите сложно да ги применувавме првично препорачаните мерки, да се обидевме да го застанеме времето – за миг… дури и здивот да го сопревме – за миг… за да го задушиме натрапникот… ние само одмавнувавме ноншалантно со рака, „ма, грипче обично е тоа“!

Бројките растеа, ама не толку… За потоа мерките да ги заострат. Ние пак по старо…

И конечно се најдовме на почеток на стрмиот дел на експоненцијалната крива. Бројките сега веќе вртоглаво стремат нагоре…

Од денес, Владата воведува уште построги мерки. Конечно радикално ограничување на движењето, контролирано од полицијата, војската…

Се прашувам, зарем навистина се во право оние што понекогаш, онака патем, ќе речеа: „За нас само камшик треба!“ Камшикот не е за заштита од вирусот! За заштита од нас самите е…

Да не е предоцна? Искрено се надевам дека нема да биде…

Во продолжение се дадени два графикони. На првиот е прикажана состојбата кај нас од 26 февруари до 20 март, а на вториот е прогнозата за после 20 дена, под услов да не се преземаат никакви мерки. Истовремено се прикажани и линиите на трендот и на други земји во светот.

Графикон 1. На 20 март, вкупниот број на случаи се искачи на 76. А на 26 февруари имавме само 1 случај… За 24 дена 76 случаи. Растот и кај нас е експоненцијален. Поинаку кажано, се зголемува како снежна топка што станува лавина.

Графикон 2. Со помош на екстраполација на трендот, се добива дека на 12 април би имале околу 900 случаи, (под претпоставка да не се преземаат никакви мерки).

На околу 200 (20%) ќе им треба хоспитализација. А на околу 10 (5%) од нив ќе им биде потребен респиратор.

Внимавајте!
Ова е само до 12 април!
Не сакам ни да помислам за понатаму…

Не е ли и ова доволно да се отрезниме?