За здрав живот во Македонија потребен е и “здрав” џеб

Во последно време промовирањето на здравата храна, здравите навики и здравиот живот зема голем замав. Постојани кампањи и апели до луѓето да внимаат што јадат и од каде купуваат. Органските производи се ставаат во прв план.

Но, дали секој може да си дозволи купување на здрава храна?

Македонските граѓани се свесни за потребата од водење здрав живот, и здрава исхрана. Прашањето е како да си го овозможат тоа, кога цената на органската храна е 3-4 пати поскапа од вообичаената?

Риба со салата наместо хамбургер со пржени компирчиња, пливање или џогинг наместо гледање телевизија со грицки, сок и пиво, рекреација на велосипед или дремење пред компјутер? Како да се храниме здраво, или зошто не се храниме здраво? Колку е лесно да се живее здраво, дали здравите навики зависат само од нас самите или здравиот режим е сепак жртва и на други фактори? Вечни дилеми околу оваа вечна тема што периодов повторно се актуелизира во македонската јавност!

Граѓаните главно се свесни за потребата од здрав живот. Имаат ли здрав рецепт за справување со стресното и динамично секојдневие, ги праша Дојче Веле? :

„Живеам здраво, еве пешачам секојдневно накај работа, но многу е загадено“! „Како да мислам на здрав живот, кога по цел ден мислам како да го истерам месецот“? „Внимаваме на исхраната но верувајте не е нималку евтино да се храните здраво, но се трудиме дома, комбинираме, експериментираме“, „Одам на фитнес со една колешка од работа и пијам многу вода“, „А бе дечко, многу е лесно да се зборува за здрав живот, ама ајде живеј го да те видам. Не е само до навика, требаат и пари“!, коментираат граѓаните на анкетата на Дојче Веле.

Сепак, како што велат истите, свесни се дека за подолг живот, потребни се здрави навики. Но, за здрав живот потребен им е малку повеќе “здрав” џеб.