
Пред трагедијата во „Пулс“ во Кочани, на настап на групата ДНК во ресторан во Гевгелија се запалиле платно и звучници, сведочеше пред судот сопственикот на продавница за пиротехника Горан Игновски. Тој рече дека за инцидентот слушнал од колега кој работи со озвучување.
- ДНК на настап во ресторан во Гевгелија имаат запалено платно и звучници. Колега од Гевгелија, Јани Мурџиев, кој работи со озвучување, ми раскажа за ова. Не знам кога точно се случило, изјави Игновски.
Во своето сведочење тој зборуваше и за пиротехниката што се користела на настапите. Откако ги видел видеата од пожарот во Кочани, посочи дека прскалките кои биле употребени имале домет поголем од три метри.
- Да користеа со домет од метар или два, немаше да настане пожар. Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се за надворешна употреба, рече сведокот.
Сведокот додаде дека по пожарот во Кочани имал две кутии со вакви прскалки – едната ја предал во полиција, а другата, како што рече, најверојатно сè уште ја има. Според неговите зборови, вкупно продал најмногу 15 вакви кутии.
Тој ја објасни и разликата меѓу таканаречените „топли“ и „ладни“ прскалки.
- Топлата прскалка гори околу 30 секунди и чини околу 500 денари. Ладните прскалки за истото време чинат околу 100 денари, но уредот за нив чини околу 30.000 денари и мора да има струја и кабли, рече Игновски.