За влез во Грција ќе пополнуваме формулари и ќе плаќаме по 10 евра

Новиот режим за влез во земјите на ЕУ, нема да значи враќање на визите, смирува  еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос. 

Според него, предложените процедури кои би требале да се воведат од 2020 година, би имале за цел да ја  засилат контролата врз европските граници, што ќе и донесе полза на  ЕУ, но и на  земјите кои имаат безвизен режим.

Доколку системот  се воведе,  жителите на балканските држави и другите кои не се членки на Унијата, за да влезат во земјите на ЕУ ќе треба  да пополнат електронски формулар со своите податоци и да уплатат такса од 10 евра.

Дозволата  за влез би била во траење од  три години. Од плаќањето на таксата би биле исклучени лица под 18 години и над 60 години,  студентите и оние кои имаат роднини кои се граѓани на ЕУ.

Предлогот веќе е усвоен од  комисијата либе во Европскиот Парламент и наскоро ќе се најде на гласање  пред останатите парламентарци.

Последниот збор, сепак,  ќе го има Европскиот Совет.

Од македонското МНР се надеваат дека Брисел ќе покаже разбирање за нашата земја која е кандидат за членство и напорно работи на усогласување на законите со европските.

Уште во 2016 година земјите на Западниот Балкан побараа да бидат изземени од оваа нова европска политика, наведувајќи дека тие се најзаслужни за запирање на миграцискиот бран.