
На повеќе локации низ Скопје каде претежно се движи помладата популација се поставени боксерки вреќи со различни пораки против меѓуврсничкото насилство, информираат од Центарот за современи уметности.
Од таму посочуваат дека наместо насилство и навреди, младите треба да се поттикнат својата енергија да ја насочат кон спорт и креативност.
- Инспирирани од сѐ почестите случаи на врсничко насилство и загрижувачките последици што тие ги оставаат врз младите, како и од неартикулираниот бес и фрустрации кои младите сѐ почесто ги насочуваат кон своите врсници, ја реализиравме оваа урбана уметничка акција со цел да понудиме поинаква порака и поинаков избор. Наместо насилство, навреди и физички пресметки, сакаме да ги поттикнеме младите својата енергија да ја насочат кон спорт, креативност и други позитивни активности кои придонесуваат за личен развој и градење здрави односи. Во рамки на акцијата поставени се десетина боксерски вреќи на фреквентни локации и спортски маалски игралишта низ Скопје, места каде младите најчесто го поминуваат своето слободно време - велат од Центарот.

На вреќите се испишани пораките: „Удри во вреќата, не во човекот“, „Остави го ударот овде“ и „За удирање – вреќа. за луѓе – почит“, со кои, како што велат од Центарот, се поттикнува размислување за последиците.
- Свесни сме дека десетина боксерски вреќи не можат да го решат проблемот со врсничкото насилство, но веруваме дека можат да го свртат вниманието кон него за да не го заборавиме дека постои и дека е околу нас и да поттикнат поширока општествена дебата. Со оваа акција сакаме да ги охрабриме младите, родителите, образовните институции, локалните власти и државните институции посериозно да се посветат на овој проблем и заеднички да создаваат повеќе можности за спорт, култура, креативност и квалитетно поминување на слободното време како алтернатива на насилството кај младите - изјавија од Центарот за современи уметности.