За учениците од прво до трето одделение во Центар од септември се воведува субвенциониран оброк - за повозрасните бесплатни екскурзии

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска информираше дека новата учебна година во Центар ќе започне со уште поголема поддршка за учениците и нивните семејства.

„За првпат започнуваме со субвенционирање на оброкот за учениците од прво до трето одделение, со цел до крајот на мандатот тој да биде целосно бесплатен. За поголемите ученици воведуваме бесплатни екскурзии, а продолжуваме и со бесплатните униформи за сите ученици од прво до деветто одделение и бесплатните ранци за нашите првачиња“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека целта е да им олеснат на родителите, но уште поважно, како што вели, е секое дете во Центар да има добри услови и еднакви можности.

„Подготвени сме за 1 септември, а најмногу им се радуваме на нашите првачиња. Им посакувам среќен почеток, многу нови другарчиња и убави училишни денови“, порача градоначалникот.