За три пати поскапена цената за користење на Националната арена Филип Втори

Неверојатни 35.000 евра треба Вардар да и плати на државата за користење на Националната арена Филип Втори само за утрешниот меч против Зенит.

Ваква одлука донело новото раководство на државното друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кое е сопственик на најголемата спортска арена во земјава. Цената е за повеќе три пати повисока од онаа која македонските клубови и ја плаќаа на државата за користење на стадионот за европските натпревари.

Владиниот портпарол денеска немаше информации за оваа одлука. Рече дека во текот на денот ќе ги обезбеди но не го стори тоа.

Сител одговори побарале и од државното друштво за стопанисување со станбен и деловен простор но без успех. Никој од менаџментот на државната фирма не одговорил на телефонските повици а без успех поминал и обидот причините за одлуката на ПУИГ да ги добијат по електронска пошта. Никој не најде време да одговори зошто цената се зголемува во пресрет на историскиот натпревар и дали тоа е начинот на кој државата го поддржува македонскиот спорт.

Националната арена е единственото место во Македонија кое ги задоволува стандардите на УЕФА за одигрување на овој натпревар. Европската куќа на фудбалот не дозволува натпреварите да се играат на терен надвор од Македонија доколку државата нема прогласено вонредна состојба, па оттука, Вардар е ставен пред свршен чин. Клубот мора да ја плати онаа сума која државата ќе ја одреди.

Во Вардар не го кријат незадоволството од оваа одлука на државата. Од клубот велатд ека ставот ќе го го соопштат на вечерашната редовна прес конференција пред мечот со Зенит.

Инаку државата за околу 3 пати ја зголеми и цената за користење на арената и за натпревари од домашното првенство, па така, Вардар и Работнички сега своите мечеви ги играат на стадионот во Ѓорче Петров додека најубавиот македонски стадион зјае празен.

Националната арена во Скопје е мултинаменски објект кој освен за фудбалски натпревари може да се користи и за разни други манифестации. Според ценовникот кој до утрово можеше да се најде на сајтот на државното друштво, за концерт во вечерните часови се плаќа речиси 5 пати пониска сума. Па така, додека Вардар плаќа 35.000 евра за натпреварот против Зенит, една турбо-фолк ѕвезда од соседството на Филип Втори може да направи концерт за само 7.500 евра.