За тој што е во изолација, семејството ќе ги дава неговите податоци, за време на пописот

Податоци на пописот за лицата кои за време на траењето на оваа статистичка операција ќе се наоѓаат во болница или изолација поради изложеност на коронавирусот, ќе даваат членови на нивните домаќинства или семејства, изјави претставничката на Државниот завод за статистика (ДЗС), Јасмина Георгиева на денешната прес-конференција во Владата.

Таа информира дека Заводот за статистика од следната недела на дневна основа ќе почне да добива податоци за лицата заболени од Ковид-19, со што ќе има информации за временската рамка во која тие се наоѓаат во изолација.

– Доколку се најде некој „прозорец“ во кој може да се попише лицето додека трае пописот, ќе го направиме тоа. Во спротивно, доколку во целиот период на спроведувањето на пописот лицето е во изолација, ќе се обидеме да стапиме во контакт со него и да видиме кои членови на неговото домаќинство или семејство можат да дадат податоци за тоа лице, изјави Георгиева, додавајќи дека податоци за оние лица кои ќе се наоѓаат на болничко лекување за време на пописот, исто така, ќе даваат членови на нивните семејства.

Таа нагласи дека во краен случај доколку некое лице живее само, односно „нема семејство или домаќинство“, попишувачите со целосна заштитна опрема ќе влезат кај него дома и ќе го попишат, согласно утврдените протоколи за пописот.