За слава, едни го трошат и последниот денар, други трошат и повеќе од она што заработуваат, а трети прават вистински манифестации

Долга зима ги чека граѓаните, особено оние кои покрај сметките, трошоците за храна и облека на списокот за трошење овој месец ќе ги додадат и финансиските средства кои треба да ги издвојат за семејните слави.

Декември, месецот на најмногу православни празници кои најголем број од христијански семејства ги празнуват како именден или семејна слава ќе го истенчи и онака тенкиот домашен буџет.

Дел од граѓаните велат нека е на арно, за куќната слава ќе наврти господ, но минусните салда во сметките го кажуваат спротивното. Па така едни го трошат и последниот денар за да го поминат редот, други трошат и повеќе од она што заработуваат, а трети пак прават вистински манифестации и фешти, одејќи до таму што семејната слава ја селат во ресторан.

“Искрено да ви кажам по десетина години празнување на домашна слава,која инаку ја наследив од мојот дедо, се решив гостите да ги прачекам во еден од скопските ресторани. На прва мисла се беше поедноставно, нема набавки , припреми, готвење, сецкање, позајмување столици и маси од соседи. Така и се случи гостите си дојдоа, се опуштија , но како што поминуваа часовите почуствував дека нешто ми недостасува, нешто што не може да го почуствува оној кој славата, именденот или било кој ден го празнува онака вистински. Го немаше оној домашен амбиент , онаа топлина која го дава домашното огниште, па и не бадијала од памтивек се нарекува нели домашна или куќна слава. А, ако ме прашате за математиката, ич да не зборам, да не ме фати некој грев, ама сумата беше со 5 цифри или за 5 пати поскапо од предходните слави, а што би рекла мојата сакана " јас поубаво ќе ти спремев и сервирав , ама ти така си сакаше". Од тогаш си ветив дека домашните слави ќе си бидат организирани во домот. Сепак, овој планиран трошок ќе ни однесе добар дел од две-три плати, па така ќе си ги подмируваме сметките следните неколку месеци.Но, за убаво. ” - вели П.И од скопската населба Аеродром.