За скијачката сезона на Попова Шапка подготвени сите седум ски-лифтови и жичарници

Прва поголема снежна покривка на скијачкиот центар Попова Шапка има од ноќеска, но сепак не е доволна се уште за почеток на скијачката сезона, информираат од друштвото Попова Шапка. Во летниот и есенскиот период,  уверуваат дека се работело на унапредување на состојбите за скијање.

-Имаме прва посериозна снежна покривка, но се уште е рано да се прогнозира кога ќе почне скијачката сезона. Во изминатиот период отстранет е дефектот кој минатата година беше на жичарницата Церипашина и таа ќе може да се користи оваа сезона. Така, на располагање ќе бидат сите ски лифтови и жичарници се сервисирани и ремонтирани. Скијачките патеки се обновени и поставена сигнализација како и нивно обележување. За скијачите се изградени и два бачила за одмор каде ќе има кафе, чај и сендвичи. Тие се на патеките Поток 1 и Поток 2 и на патеката Ге, информира Живко Алексовски, раководител на Друштвото за угостителство и туризам Попова Шапка.

Скијањето на Попова Шапка оваа година ќе биде поскапо.

-Ски карти имаат зголемени цени затоа што и има глобално зголемување на цените на голем број влезни продукти за нашите услуги. Воедно годинава ќе се наплаќа и за користење на новиот шестосед чија употреба лани беше промотивна и бесплатна, информира Алексовски.

Според најавите доколку има доволно снег, скијачите ќе имаат прилика да го користат сите четири ски лифтови Поток 1 и Поток 2, Аеродром и ГЕ како и жичарниците Свети Илија, Церипашина и новата шестоседна жичница. Нивниот хотел Славија работи постојано, а другиот објект Попова Шапка ќе се активира со  официјачниот почеток на ски-сезоната.