За сите оние кои се трудат напорно да престанат да сакаат некого

Сите нешта кои ги чувствувате, сета болка, сиот напор се нормални. Ништо околу скршеното срце не е воопшто лесно. Нека не ве убедуваат во тоа.

Ако некој ве праша како сте, сакате да кажете дека се распаѓате, но наместо тоа велите дека сте добро. Но, не сте добро. Секој ден станувате со помислата дека сакате болката која ја имате во себе еден ден да престане. Се прашувате колку долго ќе трае, зошто е толку силна и правите сериозен напор никому да не покажете низ што поминувате. Често се криете и пред своите блиски и најдобри пријатели, иако тие веќе ја препознале вашата болка и знаат низ што поминувате. Но, не сакате да бидете товар за нив. Не повеќе.

Се обидувате да не мислите на минатото, но тоа е невозможно. Постојано ви надоаѓаат мали спомени, постојано гледате места на кои сте биле заедно, луѓе кои заеднички ги познавате, филмови кои сте ги гледале заедно и песни кои ве потсетуваат на нив.

Но, можеби најдобрата тактика е да се обидете да се сетите и на сите лоши нешта од врската. Да си дадете искрен одговор себеси зошто нештата морале да престанат. Колку пати се однесуваа кон вас како да не вредите, или колку пати ви покажуваа дека можеби крајот надоаѓа, а не сакавте да го видите тоа. Зошто само се сеќавате на убавите и позитивни моменти?

Зошто е толку тешко?

Тешко е бидејќи ги сакавте. Тешко е бидејќи таа личност ви беше сè во животот, бидејќи делевте многу работи, а сега треба да научите да функционирате одвоено.

Треба да знаете дека нема потреба да мислите дека нештата ќе ги снема одеднаш, сите ваши чувства, сите спомени. Исплачете се, мислете на нив, но мислете и на оние нешта кои не функционираа. Обидете се да бидете поискрени кон себеси. Направете сè што е во ваша моќ за да продолжите понатаму.

Тоа ќе оди бавно од почеток, но ќе дојде ден кога ќе сфатите и дека воопшто не размислувате на нив. Дека веќе не ви се потребни во животот и дека сакате да продолжите напред сами, кон нови искуства. Славете! Заборавете на скршеното срце и кажете се дека еден ден ќе дојде личност која ве заслужува.

Пред да се осудите себеси бидејќи ги изгубивте, сфатете дека тие не се за вас. Запаметете дека и заљубувањето и заборавањето се процес. Дел од тие процеси е и наоѓањето себеси и сфаќањето колкав потенцијал носите во себе.