За силните и храбри жени кои трчаат со волците

Клариса Пинкола Естес е автор на книгата „Жените кои трчаат со волците”. Во неа, таа нè потсетува на силата на женската интуиција, која за жал, многу жени ја заборавиле, потиснале или занемариле.

Photo by Thomas Bonometti on Unsplash

Клариса Пинкола Естес е психоаналитичарка, професор и доктор по клиничка етнопсихологија. Нејзината книга е продадена во повеќе од 2 милиони примероци во светот, а во неа таа не само што зборува за женската интуиција, туку пренесува и мудрости од различни делови од светот кои ги спојува со древните митови. 

Ова се неколку примери од нејзината книга:

Бидете сами 

Доколку сакате да бидете она што сте, тоа значи дека често треба да бидете сами, да го слушнете своето тело и да сфатите што тоа има да ни каже. Не морате по секоја цена да го исполнувате своето време со луѓе кои ве оддалечуваат од себе и од она што сте вистински. Да се биде сам значи да се има храброст да не се ограничи сопствената вредност и да се сочува својот идентитет. 

Бидете силни

Да се биде силен не значи да се имаат силни мускули и згодно тело. Тоа значи да се запознае нашата светлост, но и темнината која живее во нас. Во жените постои дива природа која често е потисната бидејќи општеството им кажува како да живеат. Да се биде силен значи постојано да се учи, да се работи на себе и да се живее животот на начин кој ни носи радост.

Според Клариса, нашата култура не го разбира вистинското значење на силата. Не е силен оној кој може да подигне најголем товар со своите раце, кој носи највеќе килограми на своите рамена, ниту пак оној кој може да трча најбрзо. Силен е оној кој се соочува храбро со нешто, кој не бега, кој без страв го открива својот идентитет, кој не се откажува.

Не морате постојано да бидете сакани

Еден од најголемите проблеми со кои жените се соочуваат е потребата постојано да бидат сакани. Тие така и завршуваат со партнери кои не ги ценат и сакаат. Кога ја следиме својата интуиција и велиме не на нешто што не е љубов, се избираме себеси и така знаеме колку вредиме. 

Љубовта е сила која постојано живее во нас

Љубовта е сила која не исчезнува. Таа ни овозможува созревање, умирање на некои чувства и повторно раѓање. Тоа е нешто што треба да се искуси во нашите партнерства, каде страста се пренесува во интимност и каде со текот на времето е важно да се роди нова и поинтензивна љубов. 

Не треба да се плашиме од дното

Голем дел од нас се плашат од тоа да бидеме уништени, да го допреме дното. Иако тоа воопшто не е пријатно чувство, само тогаш имаме храброст да направиме нешто големо за себе. Тоа не значи дека треба долго да останеме таму и да жалиме над својата ситуација, туку да станеме, да го прифатиме она што се случило и да донесеме одлука за еден нов пат во животот.