За што највеќе се каат луѓето?

„За што се каете кога ќе погледнете назад во вашиот живот?“

Ова е прашањето кое Карл Пилемер, професор на Универзитетот Корнел, им го поставувал на стотици луѓе како дел од еден проект.

Тој вели дека сосема бил неподготвен за одговорот кој најчесто го слушал, а тоа било:

„Посакувам да не го поминев мојот живот грижејќи се за се и сешто.“

Пред неколку години, Пилемер се сретнал со Џун Дрискол, весела 90-годишна жена која му рекла: „Моја одговорност е да бидам што е можна посреќна, токму тука и токму денес.“

Овој разговор го поттикнал Пилемер да открие како една генерација која искусила толку загуби, тешки историски настани и болести би можела да е толку среќна и како да се пренесе оваа мудрост на новите генерации.

Тој во својот проект зборувал со над 1500 Американци над 65 години за најважните лекции кои ги научиле во текот на животот. Во книгата „30 лекции за живот“ тој зборува за своите испитаници како „експерти“ затоа што тие во себе содржат повеќе испробана мудрост од која било книга за самопомош.

Тој вели дека очекувал да чуе дека најголемите каења на своите испитаниците ќе бидат работи како загуби во бизнисот, изневерувања или зависности.

Но, одново и одново тој слушал верзии на: „Посакувам помалку да се грижев“ или „Се каам што се грижев за се и сешто.“

Пилемер вели: „Оваа лекција за мене беше изненадувачка. Имајќи предвид дека тие живееле во тешки историски периоди и преживеале големи лични  трагедии, мислев дека сосема е нормално да имаат одредено ниво грижа.“

Тој објаснува дека луѓето го гледале времето како една од нашите најскапоцени ресурси и грижењето за настаните кои можеби нема ни да се случат или врз кои немаме контрола е неоправдано губење на овој ресурс.

„Главната карактеристика на грижата е дека се случува во отсуство на вистински стресови, односно се грижиме кога нема нешто конкретно за да се грижиме. Овој тип на грижа, мислејќи на сите можни лоши работи кои може да им се случат на нашите сакани е сосема различно од конкретно решавање на проблемите.“

За да го намалиме нивото на каење во животот, испитаниците советуваат повеќе време да трошиме на решавање на проблемите и драстично да го намалиме времето поминато во грижење. Тие исто така му дале предлози на Пилемер како да го промениме начинот на рамислување за да можеме да продолжиме понатаму:

Фокусирај се на краткорочните работи наместо на долгорочните:

Мислам дека ако се грижиш и тоа многу, мора да застанеш и да си речеш: „И ова ќе помине.“ Не може постојано да се грижиш затоа што тоа навистина ти го уништува животот. Но, има моменти кога не може да не се грижиш. Тогаш замисли си дека тоа не ти користи во животот.

Наместо да се грижиш, подготви се

Ако веќе се плашиш од нешто, тогаш треба да знаеш што е тоа. Барем да знаеш зошто. Идентификувај го. „Се плашам од тоа и тоа“. И понекогаш можеби ќе имаш добра причина за тоа. И можеш да се подготвиш наместо да се грижиш.