
Вчера во периодот од 14:00 до 20:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спровела акциска контрола во сообраќајот на подрачјето на општина Чаир во Скопје за санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и лесни електрични возила кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Од МВР посочија дека при контролата изречени биле вкупно 43 мерки за сторени сообраќајни прекршоци. Од нив 19 санкции за возачи кои управуваат мотоцикл без заштитна кацига, три мерки за несоодветна категорија, 19 санкции за прекршоци сторени од возачи на лесни електрични возила и две останати мерки кон други учесници во сообраќајот.
Оттаму додаваат дека за сите прекршители на сообраќајните правила, изготвени биле соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од МВР.