За само еден месец, четири убиства ja потресоа земјава

Уште едно убиство влезе во црната статистика за оваа година. Убиен е 65-годишен маж од прилепското село Могила. Станува збор за второ убиство во Прилепско, а четврто во југозападниот регион на Македонија во период од триесетина дена. 

Убиениот В.М. бил пронајден во станот во кој живеел под кирија во центарот на градот на булеварот Гоце Делчев, откако се вратил од странство. Според сознанијата на „Нова Македонија“, жртвата ја немало неколку дена, па сопственикот на станот, сакајќи да види што се случува отишол да провери. Бидејќи никој не му отворил веднаш повикал полиција и со дозвола од јавен обвинител, во присуство на полицајци, насилно ја отворил врата.

- Надлежните влегле во станот, при што го затекнале В.М. без знаци на живот. Тој бил облеан со крв во пределот на горната половина под телото. Доктор од итна медицинска помош над телото извршил преглед при што е констатирана убодна рана на десната половина од градниот кош и убодна рана на задниот дел од телото - информираа од полицијата.

Неофицијалните претпоставки се дека раните биле нанесени со нож. Телото по наредба на јавен обвинител е дадено на обдукција.
Помеѓу преостанатите три убиства во југозападниот дел, едно се случи во прилепското село Свето Митрани, а преостанатите во Охрид, односно Битола. Од вкупно четирите жртви тројца беа мажи, кои се и најчестите жртви во годинашните црни статистики во Македонија. Така, на пример, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015 година биле убиени вкупно 38 лица од кои дури 32 биле мажи, додека една година претходно од 35 убиени од машки пол биле 26 жртви. 

Во другото убиство во Прилепско, во селото Свето Митрани, на трети февруари настрада 44-годишен маж. Според официјалните информации, жена го застрелала со два истрела од ловна пушка при расправија во селската продавничка. Причината, според она што е познато, е додворувањето и инсистирањето на убиениот, осомничената да почне љубовна врска со него. Како што информиравме тогаш, жената работела во продавницата, а сопственик бил нејзиниот сопруг. Според она што го сведочеа соселаните, на местото на злосторството тие претходно често се собирале и се дружеле, а некои од нив раскажуваа и дека продавачката се жалела дека убиениот често ѝ досадувал.

- Некои од соселаните ми кажаа дека откако го убила рекла „ми досадуваше и затоа пукав во него“ - изјави еден од селаните.
Третиот маж што беше жртва на убиство беше бездомник во Битола за што е осомничен неговиот цимер, односно 53-годишен битолчанец со кој живееле во иста куќа. Настанот се случил ноќта помеѓу 24 и 25 јануари и, како што соопштија од полицијата, сомненијата се дека пријавениот со физичка сила и тврд предмет на свиреп и подмолен начин го нападнал. 

- Пријавениот со намера да го прикрие ова свирепо убиство, околу шест часот наутро на 25 јануари се упатил во соседната куќа, барајќи помош кажувајќи дека непознати лица ги нападнале додека спиеле. Потоа тој е хоспитализиран во Клиничката болница во Битола - информира полицијата тогаш.

Помеѓу жртвите од последните четири убиства има и една жена, станува збор за 66-годишна охриѓанка. Нејзиното тело на 20 февруари го пронашла ќерката, а по извршениот увид било констатирано дека во станот било извршено разбојништво.
За ова дело, разбојништво со смртни последици, е осомничен кумановец што живеел во Охрид, во истата зграда со жртвата и се познавал со неа. По настанот, тој заминал за Куманово со намера да излезе од државата, меѓутоа надлежните го спречија во обидот да избега.

Деновиве, во Охридско се вратија и сеќавањата за двојното убиство во август во 2014 година, кога беше убиен 58-годишниот сопственик на ресторанот „Император“ и уште еден 38-годишен маж. За ова беше осомничен 33-годишниот Бојан Петрески, кој пред неколку дена беше осуден на доживотна казна затвор. Покрај за убиство, се товареше и за нелегално поседување оружје.