За разрешувањето на Јанева ќе се одлучува зад затворена врата

Седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која ќе се расправа за разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе биде затворена зашто материјалот има назнака доверливо, одлучија денеска членовите на комисијата.

Претседателот на комисијата Илија Димовски, пред почетокот на седницата изјави дека за жал не добиле дозвола од Советот на јавни обвинители за декласификација на извештајот.

– Од формално-правен аспект доведени сме во ситуација да мора да ја затвориме седницата бидејќи во спротивено нема да можеме да го разгледуваме материјалот кој има статус на доверлив односно класифициран материјал. Тоа е законска обврска иако сметаме дека јавноста заслужува повеќе информации околу целиот скандал со СЈО зашто ова е прашање и тема од највисок јавен интерес во моментов, рече Димовски.

Сепак, вели, сигурен е дека јавноста во наредните денови ќе дознава детали што работеле Јанева и СЈО во минатото околу „Рекет“ и други предмети.

Димовски очекува конструктивен пристап од сите пратеници бидејќи, како што посочи, оваа постапка ќе значи преземање одговорност да се санира состојба која е апсолутно јасна и констатирана од надлежните државни органи и затоа Собранието има обврска да ја заврши.

Димовски информира дека од 13 членови на комисијата 10 имаат безбедносен сертификат кој е неопходен за да можат да се разгледуваат класифицирани материјали. Но, додаде дека има и 13 заменици од кои исто така 10 имаат безбедносен сертификат. Материјалот ќе можат да го видат само членовите со безбедносен сертификат, на одредено време и во просторијата во која се одржува седницата, по што би се отворила расправата.

Евентуалната одлука односно препорака до собранискиот пленум за разрешување на Катица Јанева, комисијата ја носи со просто мнозинство. Димовски очекува да има доволен број пратеници за да се донесе одлука.

Прашан дали евентуалната оставка на Јанева во меѓувреме би сменило нешто, одговори дека постапката би била иста како и за нејзино разрешување, а тоа би значело непотребно комплицирање и губење време.

Во врска со неопходната поддршка од четирите најголеми пратенички групи, кажа дека денеска имале координација со претседателот на Собранието Талат Џафери и трите најголеми политики партии. Останува дилема за четвртата, имајќи предвид дека Алијансата на Албанците, Алтернатива и Социјалистичката партија имаат по тројца пратеници. Џафери ќе испрати писма до овие три партии за да се реши процедуралниот проблем.

Димовски рече и дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат извештајот на Советот на ЈО за разрешување на Јанева, а се надева дека тоа ќе го направат и нивните колеги од другите политички партии.