
За првпат во Македонија ќе се одржат Спортските игри за млади, проект што ги обединува дечињата од целиот Балкан под покровителство на Министерството за спорт, сподели претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ.
„Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, стануваме дел од големото регионално спортско семејство во кое веќе се Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина“, посочи Омерагиќ.
По тој повод во Владата на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски организираше прием за федерациите кои го поддржуваат овој значаен проект.
„Како претседател на Фудбалска федерација на Македонија, ми претставуваше чест што заедно со селекторот на А репрезентацијата ја претставувавме ФФМ и ја дадовме нашата поддршка. Верувам дека преку вакви иницијативи создаваме нови пријателства, градиме здрави навики и испраќаме силна порака дека спортот обединува. Децата се нашата иднина, а спортот е нивниот најубав пат кон успехот“, истакна првиот човек на ФФМ.