За првпат, Скопје доби Центар за дневен престој за лица со попреченост над 14 години

Во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) е отворен Центарот за дневен престој за лица со попреченост на возраст од 14 години и нагоре. Центарот го отворија градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Центарот е наменет да обезбеди сигурна и инклузивна средина во која корисниците ќе добиваат психолошка и стручна поддршка и ќе можат да учествуваат во различни едукативни, креативни и рекреативни активности.

Предвидени се активности преку кои лицата со попреченост ќе развиваат практични и животни вештини, ќе се дружат и ќе ја зајакнуваат својата самостојност и самодоверба.

„Нашата обврска како општество не е само да зборуваме за еднаквост, туку да ја создадеме во реалниот живот. Нашиот фокус нема да биде на ограничувањата, туку на можностите, на талентот и способностите, на човекот“, истакна Ѓорѓиевски.

Центарот треба да биде поддршка и за семејствата, родителите и старателите, кои секојдневно се грижат за своите најблиски. Целта е корисниците да имаат безбедна средина во која ќе бидат почитувани, заштитени и поттикнати да напредуваат.

Надлежните посочуваат дека Центарот треба да биде повеќе од простор за дневен престој – место за дружење, учење, развој, поддршка и создавање нови пријателства, каде секој корисник ќе се чувствува прифатено и рамноправно.