Податоците покажуваат дека бројот на велосипедисти и мотоциклисти – учесници во сообраќајот во Република Македонија, постојано расте. Љубовта кон велосипедот и мотоциклот, градскиот метеж, полесно паркирање, релативно поефтини во однос на другите моторни возила, без или со помала потрошувачка на гориво, итн., се само дел од причините зошто секојдневно гледаме се поголем број на велосипеди и мотоцикли на улиците  во Македонија.

И покрај тоа можеме да кажеме дека за разлика од другите форми на мобилност, велосипедистите и  мотоциклистите и понатаму остануваат наjранливи групи на учесници во сообраќајот. Ако се земе во предвид делот од сообраќајот кој им припаѓа ним  и  нивното учеството во вкупниот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди ќе заклучиме дека број на загинати и повредени велосипедисти и мотоциклисти во сообраќајни незгоди е несразмерно висок во однос на тоа во колкав дел од сообраќајот тие учествуваат.

Факт е дека и велосипедистите и  мотоциклистите се помалку заштитени во споредба со другите возачи на моторни возила и со самото тоа и повеќе се изложени на ризик и опасности во сообраќајот, но исто така факт е и дека несоодветната сообраќајна инфраструктура, несовесните  возачи и ниското ниво на сообраќајна култура значително ја влошува безбедноста на  велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот.

Имајки предвид дека следува  продолжен викенд,  а со тоа  се очекува и поголемо  учество на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот РСБСП најпрвин апелира до возачите на моторни возила да ја намалат брзината, да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот, правилно да пристигнуваат  и да ги почитуваат велосипедистите и мотоциклистите како рамноправни  учесници во сообраќајот.

Воедно, РСБСП со апел и со совети за мотоциклистите  да бидат максимално одговорни во сообраќајот и максимално  да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено:

• да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината

• да не престигнуваат непрописно односно  да не престигнуваат колона на возила и да не се движат помеѓу двете коловозни ленти

• да не управуваат мотоцикл  под дејство на алкохол или психотропни супстанции,

• секогаш да користатат заштитна кацига и заштитна облека,

• да се движат во левиот или средниот  дел на коловозот и да ги избегнуваат „слепите агли“  на возилата ( освен кога се подготвуваат за престигнување)

• да држат безбедно растојание

• секогаш кога влегуваат во кривина  задолжително да ја намалат брзината,

• секогаш бидете фокусирани на патот и случувањата во сообраќајот и внимавајте на возилата и пешаците

• бидете предвидливи со вашето однесување во сообраќајот, не ги менувајте лентите брзо и неочекувано, т.е задолжително сигнализирајте за вашите намери во сообраќајот

• бидете видливи и задолжително користете светла и дење и ноќе

• редовна проверувајте ја техничката исправност на мотоциклот, особено исправноста на сопирачките и пневматиците

• возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот и да се придржува за друго возило.

Велосипедистите исто така треба да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и целосно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сигнализација. Најчести грешки кои ги прават велосипедистите  во сообраќајот се:

• Управување на велосипед во ноќни услови и во услови на намалена видливост без соодветно осветлување

• Управување на  велосипед на пешачки премин

• Управување на велосипед  во спротивна насока од дозволената насока на движење,  а многу често и управување на велосипед во обратен правец на еднонасочна улица

• Управување на велосипед без соодветна заштитна кацига

• Управување на технички неисправен велосипед ( велосипед без сопирачки, без соодветни светлосни ознаки, итн).

Единствено со меѓусебно почитување и толеранција од сите учесници во сообраќајот, со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот,  може да  се намали бројот на настрадани велосипедисти и мотоциклисти во сообраќајни незгоди, односно да се намали вкупниот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.  Затоа  РСБСП уште еднаш повикува  на одговорно учество во сообраќајот како редовна обврска на секој учесник во сообраќајот.