За пет години умреле 203 жени од карцином на грло на матка

Во Република Македонија во периодот од 2012 до 2016 година од карцином на грло на матка умреле 203 жени, а бројот на умрени жени од карцином на грло на матка секоја година се зголемува за 6%.

И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28% од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП тест преку Програмата за скрининг на карцином на грло на матка, а секоја година со оваа програма опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените, соопшти Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Во периодот од 2012 до 2017 година, 56 % од жените на возраст од 24 до 60 години не биле поканети да направат бесплатен ПАП-тест со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а пак на 72 % од жените не им бил направен ПАП-тест преку Програмата во изминатите шест години.

Во анализираниот период, кај 13 317 жени или пак во просек кај 8% од цитолошки анализираните брисеви утврдени се одредени клеточни абнормалности. Најголем број на клеточни абнормалности или 14,9% утврдени се во 2016 година. Доколку со Програмата за скрнинг на карцином на грлото на матката биле опфатени сите жени на возраст од 24 до 60 години во изминатите шест години, одредени клеточни абнирмалности би се идентификувале кај приближно 44 илјади жени што значи дека кај овие жени е пропуштена можноста за рано откривање на предраковите промени и карциномот на грлото на матката, и со тоа навремено излекување и продолжување на животот на жените.

Нискиот опфат на жени со Програмата за скрининг на карцином на грло на матка се должи покрај на нискиот буџет и на недостигот од гинеколози на примарно ниво во Македонија, а и на малиот број на гинеколози вклучени во реализација на програмата (85 од 130). Поради континуираниот пораст на смртноста кај жените, Министерството за здравство за спроведување на еден циклус на скрининг на карцином на грло на матка за наредните три години години (2019 -2021 година) мора да обезбеди вкупно 109.942.560 денари за да опфати над 50% од жените на возраст од 24 до 60 години или пак 36.647.520 денари на годишно ниво за оваа намена. А пак, за наредниот циклус на скрининг на карцином на грло на матка во периодот од 2022 до 2025 година да обезбеди 163.149.558 денари денари за да обезбеди опфаќање на 80% од жените на возраст од 24 до 60 години или пак 54.383.186 денари на годишно ниво.
Воедно потребно е да се воспостави една национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде што прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со која ќе се превенира предвремената смрт на жените во нашата земја. Моментално и Министерството за здравство и Фондот паралелно предвидуваат превентивни активности за рано откривање на ракот на грлото на матката, без меѓусебна комуникација и координација, укажува ЕСЕ.