За новиот Клинички центар се бара нова локација до Злокуќани кај скопската обиколница

Здравствените власти повторно се предомислија – новиот клинички центар сепак  можно е да не се гради во Бардовци, како што беше најавено. 

Иако Бардовци беше презентирано како оптимално место пред само неколку месеци,  сега министерот вели дека утврдиле дека голем дел од земјиштето е приватно, а потенцијална експропријација би ја чинело многу државата. Па така сега работна група составена од експерти бара повторно ново решение.

„Станува збор за земјиште кое е во близина на Злокуќани и се простира лево и десно од оваа населба и е под обиколницата. Ова укажува дека ова е идеално земјиште.“ - вели Венко Филипче.

Долго најавуваниот нов клинички центар не се знае со сигурност ниту каде ниту пак кога ќе почне да се гради, а уште помалку кога ќе биде готов.

„Кога би се почнало за изградба, не можам да кажам, а најлошата опција е да избрзаме со решение.“ - вели Филипче.

Граѓаните десет години наназад добиваат ветувања од секоја Влада дека ќе добијат нов клинички центар, но капиталниот проект ниту една досега не го реализираше.

Оваа Влада го поништи  проектот на претходниот министер за здравство Никола Тодоров, според кој новиот клинички требаше да никне на местото на постојниот комплекс на клиники „Мајка Тереза“.

Образложението на Владата беше дека понудениот проект не го решавал проблемот со сообраќајниот хаос на Водњанска, па на прес конференција пред 7 месеци министерот Венко Филипче изјави дека планираат новата градба да биде во населбата Бардовци.

Сепак и по 7 месеци од најавите, властите повторно немаат конретно решение ниту за новиот клинички центар, ниту пак за сообраќајниот хаос на Клинички, за што беше најавена изградба на нова катна гаража, која се уште не почнала да се гради.