За неколку месеци дел од текстилните компании може да згаснат

Пандемијата, проблемитe со работната сила, продуктивноста, но и најновото покачување на електричната енергија, кое исто така ќе биде удар за компаниите, ќе доведе до тоа многу конфекции да згаснат наесен.

Овој „мртов период“ и следните месеци ќе бидат критични. Од Текстилниот кластер велат дека не може да се предвиди колку фирми ќе затворат, а поеднакво ќе бидат погодени и малите и големите компании, доколку не се реорганизираат и не го пребродат овој период.

„Се менуваат навиките, се менува комуникацијата, и многу компании нема да го „преживеат“ овој период, затоа што нема поддршка, нема систематски решенија. Никој не може да каже колку фирми ќе затворат. Сега се затворени Кина, Индија, Пакистан, но оние фирми кои ќе го надминат овој период, понатаму ќе има побарувачка. Сега е тешко да се најдат нови клиенти“, објаснува Маријана Перковска од Текстилниот кластер.

Неизвесно е како ќе помине есента, затоа што се очекува пандемијата на коронавирусот да земе замав. Властите се подготвуваат за полошо сценарио од она што веќе го видовме.

Повеќето конфекции имаат обезбедено работа до средина на септември, а помал број до крајот на септември.

Во конфекциите во Штип и Свети Николе се појавија и заразени со коронавирусот.

Во Македонија бројките не заразени се високи. Скоро секој ден имаме троцифрен број на нови позитивни случаи.

Досега во Македонија од коронавирусот починаа над 520 луѓе, а бројот на потврдени случаи е повеќе од 11.900.

Повеќе од 8,490 веќе се излечија од коронавирусот. izvor - faktor.mk