За некоја година ќе нема кој да ни искречи и да ни смени цевки во домот – македонските мајстори заминуваат во странство, младите не учат занает

Експанзијата на македонското градежништво и барањето на квалификуван работник од оваа фела повеќе предизвика нашите ѕидари, тесари, поставувачи на кровови, олуци, шиндри, стрејни табли и слично да бидат барани на странските пазари.

За тоа говорат огласите за вработување од странски градежни фирми што се објавуваат во земјава каде што нудат вработување на македонски квалификувани работници надвор од границите на Македонија.

- Имаме потреба од мајстори за поставување кровови, олуци, стреи и стрејни табли. Мајсторите треба да имаат најмалку три, односно двегодишно работно искуство и минимално познавање на англискиот јазик - се наведува во еден огласот, кој е само еден од многуте.

Вакви огласи има и за работа во Македонија, но оние кои ја нудат работата велат дека постојано се намалува бројката на луѓе кои сакаат тоа да го работат. Оние кои се спремни и способни за работа се заминати во странство, а младите не сакаат да изучуваат занает.

- Пуштаме огласи за вработување и никој не се пријавува или се пријавуваат минимален број луѓе или нема профили што нам ни одговараат, вели еден работодавач.