Македонските граѓани во вторник го слават 2-ри Август - Ден на Републиката.
Годинава се одбележуваат 113 години од почетокот на Илинденското востание и 72 години од првото заседание на АСНОМ.
По повод националниот празник, Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на одбележувањето на државниот празник Илинден во Меморијалниот центар во Пелинце, во чии рамки е предвидено положување на свежо цвеќе и одржување на културно-уметничка програма.
Премиерот Емил Димитриев ќе говори на големиот народен собир на Мечкин камен, местото кое длабоко се втемели во македонската историја.
По повод 2 Август - Денот на Републиката, делегации на Собранието на Република Македонија ќе положат венци свежо цвеќе пред спомениците во Скопје.