За минимум 20 отсто ќе се зголемат цените на становите

За минимум 20 отсто ќе се зголемат цените на становите со влезот на земјава во НАТО. Сепак, влезот во Алијансата ќе го стабилизира и пазарот на недвижности. Градежните компании велат дека е неминовно да се зголеми цената, со оглед на тоа што веќе поскапеа градежните материјали.

-Ако сакаме да имаме квалитетни градби, цените треба да бидат на ниво и секоја година да се зголемуваат за одреден процент затоа што постојано се зголемуваат градежните материјали и услугите. Ако дојдеме во ситуација да не се зголемува цената на становите, а се останато се зголемува, тогаш тоа ќе влијае на квалитетот,  вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Јакимовски препорачува дека сега е време да се инвестира во недвижности, бидејќи откако земјата ќе влезе во НАТО, ќе се зголеми нивната вредност.

Бизнисмените велат дека во Македонија се градат квалитетни станови и оти во делот на енергетската ефикасност градбите се над стандардите кои ги предлага Европа. Бизнисмените не стравуваат дека изградените станови нема да се продадат бидејќи, како што велат, се што е квалитетно изградено, ќе се продаде.

Голем проблем во овој сектор е и недостатокот на работна сила, бидејќи градежниците одат на работа во Германија и останатите европски земји. Бизнисмените се свесни дека треба да ги зголемат платите за да ги задржат работниците.