За луѓето за кои секогаш ќе бидеме тука

Со некои луѓе губиме контакт, но во било кое време и да ни се јават, ние сме тука за нив.

Photo by Everton Vila on Unsplash

Без оглед на тоа дали станува збор за пријатели или љубовници, некои луѓе едноставно имаат значајно место во нашето срце и не можеме да го промениме тоа. Можеби би сакале да е поинаку, да не ги сакаме толку, да не се грижиме за нив, но некогаш не можеме против своето срце.

Можеби ги познаваме неколку дена, неколку години или пак целиот живот. Можеби тие се виновни за нашата разделба, можеби ние, а можеби пак животните околности. Ништо од тоа не е важно. 

Тоа се луѓе кои и да ги нема со години, можат да ни се јават во текот на ноќта и да ни речат: Потребен ми е бубрег. Ние само ќе ги прашаме: левиот или десниот? Без објаснување.

Постои невидлива нишка, неверојатна поврзаност со овие луѓе. Тие се присутни во нашиот живот и тогаш кога не се, бидејќи се дел од нас. Во ваквите односи, времето не менува ништо, времето не ги лечи раните, не ја зголемува или намалува љубовта. Таа постои и ќе биде во нас засекогаш.Веројатно сите имаме барем една ваква личност во нашиот живот. Не можеме да го промениме тоа. 

Тие се дел од нашата животна приказна.