За луѓето на кои постојано треба да им ја докажувате својата почит и љубов...

Во животот ќе се случат многу работи, живот е. 

Комплициран е, се случуваат многу работи, недоразбирања и конфликти. Но, една работа не можам да ја прифатам – луѓе кои очекуваат дека сите треба да ги прифатат такви какви што се, ама тие никогаш не можат другите да ги прифатат онакви какви што се. 

Во животот не можеме да бидеме совршени, но можеме да бидеме добри. И да даваме сè од себе.
Тоа „сè“ понекогаш значи дека ќе ја вложиме цела сила што ја имаме за да станеме од кревет. Понекогаш, ќе бидеме одлични за сите и за себе. Баланс. Живот. Но, важно е да бидеме она што сме, макар и да си земеме време за себе, дури и ако значи дека ќе се соочуваме со пасивно-агресивни коментари од луѓе кои си носат заклучоци врз основа на она што тие сакаат да го мислат, или луѓе кои во главата си замислиле дека вие треба да направите нешто, без директно да ви кажат, па потоа ви се лутат затоа што не сте го направиле тоа нешто што тие го замислиле, а не ви го кажале. 

И вас ќе ве обвинат. Секогаш вас. Секогаш вие сте виновни. Секогаш со прстот кон вас. Секогаш вие некако уништувате сè, па  вие сте тие што треба да поправате нешто. 

И во некој период од животот, тоа силно ве погодувало, ви се кршело срцето на милион парчиња, но никогаш не ви поверувале во тоа, затоа што – па така, така решиле дека не треба да ви веруваат, затоа што не е таква замислата. После одреден период, доаѓа време кога сфаќате дека сте престари за детски игри, преуморни за постојано да ја докажувате својата вредност, лојалност и посветеност и дека што и да правите, на крај секако ќе бидете виновни и повторно ќе треба нешто да докажувате. И тоа никогаш нема крај. Затоа што премолчувате.

Да сме живи и здрави, секој си знае што чувствува. Ако треба постојано некому да докажувате посветеност и лојалност, тогаш можеби треба да се запрашате колку тие навистина ве прифаќаат онакви какви сте, колку се потрудиле да ве разберат и да сфатите дека колку повеќе ги прифаќате какви што се и молчите на нивните мани и остри забелешки кои ве повредуваат, затоа што наоѓате разбирање за нив, толку повеќе ќе покажуваат со прст кон вас, без оглед на тоа што сте кажале.

И покрај тоа што можеби знаеле како се чувствувате и дека ви требал простор за себе, некако пак вас ќе ве обвинат за нешто и пак вие не чините и не сте добри. Живот е. 

Во животот на секој човек доаѓа момент кога се уморува од тоа да се докажува колку некого сака и почитува. И само затоа што некој не ве почитува и сака онака како што вие мислите дека треба, не значи дека не ве почитува и сака најмногу што може. Ама, можеби треба да се обидете да ги прифатите луѓето такви какви што се, а не какви сакате да бидат. И  можеби, ако некој ве прифатил такви какви што сте, треба да се запрашате колку имате право постојано и секогаш да му замерувате некому само затоа што постојано ви премолчува за сè и наоѓа разбирање за секоја ваша реакција.

И ако некој е подготвен да ве избрише од животот, само затоа што не се однесувате така како што таа личност мисли дека треба да се однесувате, можеби треба да се запрашате дали е време да дозволите да ве избрише.