За луѓето кои мислат дека го допреле дното…

„Надежта почнува во темината, таа тврдоглава надеж дека ако само се појавиш и се потрудиш да ја направиш правилната работа, тогаш ќе се појави и зората.“

Можеби се чувствувате огорчено и исфрустрирано затоа што на сите околу вас им е полесно. Можеби тонете во љубомора и не можете да земете доволно воздух за да видите подалеку од таа завист.

Можеби сте добри, сочувствителни, внимателни… додека сите околу вас се однесуваат токму спротивно. Можеби се што гледате околу вас е тага и единствено нешто што посакувате е еден зрак светлина, само една трошка, било што…

Ви изгледа дека се уште трае зимата, без оглед на годишното доба. Можеби сте раскрстиле со луѓето, со семејството, со пријателствата, со љубовникот, со работата, со се. Можеби се прашувате зошто се трудите, зошто само вие се трудите да растете и да работите на себе додека другите се задоволни од своите животи, задоволни се да бидат истата личност која биле и пред 10, 20 или 30 години.

Можеби и сте заборавиле и на тоа што ви е важно во животот. Можеби вашата страст ве напуштила и се чувствувате сами, без ниту една потпора, без трошка надеж. Можеби ништо не чини и се е лошо.

Прво: Вие не сте сами. Тоа е многу важно. Зацртајте си го тоа во главата.

Второ: Велат дека е најмрачно пред да се раздени, но како знаете дека сте во часот кога е најтемно? Како знаете дека нема да биде полошо, пред да стане подобро? Како да се држите до надежта, кога нема на што да се надевате? Како да се борите против постојаната навала од докази кои ви велат дека животот не нуди ништо повеќе, дека тоа е тоа? Како да се заземе човек за љубов, кога изгледа дека повеќето се заземаат за омраза?

Како?

Едноставно почнете.

Затоа што морате.

Не постојат други опции, иако така изгледа. Ги нема. Единствената опција е љубовта. Единствената вистинска поврзаност се гради со сочувство и ранливост. Единствен начин да се види некоја промена во овој свет е вие да станете таа промена, ден по ден… Тоа е неблагодарна, но неопходна работа.

Ако вашето срце толку многу посакува некој вид напредок, ништо друго не преостанува освен да го создадете самите тој напредок.

Ако чувствувате дека тој недостаток на љубов и сочувство во светов ве угнетува и гуши, тогаш вашето срце е на правиот пат. Вие сте влегле целосно во таа битка.

Се она што ви треба од другите, морате самите да станете. Тоа е единствениот начин. Луѓето не се менуваат преку ноќ. Но, запаметете, вие сте дел од тие луѓе, а тие сепак се менуваат, камче по камче. Работите се поместуваат, работите се менуваат. Навистина се случува.

И не смеете да застанете. Не смеете да дозволите светот да ве проголта. Подигнете се од подот, истресете ја прашината, застанете на нозе и повторно пронајдете ја вашата сила. Овој свет нема да ви даде причини да верувате во него, да верувате во добрината, љубовта и светлината и затоа вие морате да станете таа причина за другите луѓе. Секој ден, обидете се баш вие да станете таа причина зошто некому ќе ја вратите вербата во љубовта. Трудете се да бидете причината зошто некому ќе ја вратите вербата во сочувствителноста. Бидете емпатија. Бидете противтежата на омразата.

Бидете нечие чудо, па дури и тоа да било љубезно мавтање со раката на улица или насмевка додека некому ја придржувате вратата. Никогаш не знаете кому ќе го промените денот. Нема да дознаеш дали некому сте дале причина за да верува во љубов. Тоа е неблагодарна работа.

Но, ако ви е потребна нова надеж, тогаш нема подобро од ова. Надежта дека ќе им дадете причина на луѓето да веруваат во љубов, без оглед на тоа дали се странци, пријатели, мајка, татко, семејство… кој било.

Сите можеме подобро, па така и вие. Замислете каква би била промената, кога секому тоа би било цел? Замислете што се би можеле, во што би верувале сите, како би се однесувале едни кон други? Се тоа почнува со една личност – со тебе.