За колку време застаруваат сообраќајните прекршоци?

Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат три години од денот кога е сторен прекршокот. Застарувањето на прекршочното гонење започнува од денот кога е сторен прекршокот.

Застарувањето се прекинува со секое процесно дејствие што се презема заради гонење на сторителот на прекршокот. Застарувањето се прекинува и кога сторителот во времето додека тече рокот на застареноста стори, исто така, тежок или потежок прекршок.

По секој прекин застарувањето започнува повторно да тече. Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното гонење.

Застареност на извршувањето на прекршочните санкции

Изречената прекршочна санкција не може да се изврши ако од денот на правосилноста на одлуката за прекршокот поминат три години.

Застарувањето на извршување на прекршочната санкција започнува да тече од денот кога одлуката за прекршокот станала правосилна.

Застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежниот орган што се презема заради извршување на прекршочната санкција. По секој прекин застарувањето почнува повторно да тече.

Застареност на прекршочната санкција настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на извршувањето.

Доколку глобата се плаќа на рати рокот на застареност почнува да тече откако истекол рокот од последната рата.