Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајните знаци поставени на патот и со знаците и наредбите што ги даваат униформираните полициски службеници.

Исто така тие се должни да постапуваат во согласност со сообраќајните знаци поставени на патот и кога со тоа отстапуваат од прописите за правилата на сообраќајот.

Секое непочитување на правилата на сообраќајот претставува прекршок, кој се дефинира како противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии  обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.

За прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:

1) глоба;
2) опомена;
3) престанок на важење на возачка дозвола;
4) забрана на управување со моторно возило;

Глобата се пропишува и изрекува како главна санкција, а пак опомената се изрекува наместо глобата кога се работи за полесен прекршок.

Глоба

Глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1.000 евра во денарска противвредност. Глобата за службено лице не може да биде помала од 50 евра ниту поголема од 2.000 евра во денарска противвредност.

За прекршок за кој се изрекува глоба со издавање на мандатен платен налог, може да се пропише определeн износ кој за:

физички лица не може да биде поголем од 500 евра во денарска противвредност и

службено лице не може да биде поголем од 1.000 евра во денарска противвредност.

Во одлуката за прекршокот се определува рокот за плаќање на глобата кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена од денот на правосилноста, односно конечноста на одлуката. Во оправдани случаи кога сторителот нема доволно имот, не е вработен, боледува од некоја болест и други слични околности што го оправдуваат тоа, може да се дозволи глобата да се исплати во рати. Во тој случај, ќе се определи начинот на плаќањето и рокот на плаќањето кој не може да биде подолг од шест месеци.

Ако сторителот делумно или целосно не ја плати глобата во утврдениот рок, ќе се спроведе присилно извршување согласно со одредбите од Законот за даночна постапка.

Опомена

Опомена може да се изрече за прекршок сторен под такви олеснителни околности кои го прават особено лесен. Опомената може да се изрече и ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната обврска, или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок, ја исполнил пропишаната обв Престанок на важење на возачка дозвола

Судот ќе изрече санкција престанок на важење на возачка дозвола, доколку е сторен прекршок во областа на сообраќајот на патиштата со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица или доколку е поднесен доказ дека сторителот постигнал 100 негативни бода во сообраќајот на патиштата во последните три години.

Ако возачот за период од последните три години постигне или надмине 100 негативни бода во сообраќајот на патиштата, судот ќе изрече санкција престанок на важење на возачката дозвола во категоријата на моторното возило со која постигнал 100 негативни бода. Изречената санкција престанок на важење на возачка дозвола, нема да биде извршена, ако поминале повеќе од три години од правосилноста на одлуката за прекршок.

Забрана на управување со моторно возило

За прекршок против безбедноста на јавниот сообраќај, со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица, односно со дејствието настане штетна последица може да се изрече санкција забрана на управување со моторно возило на определени видови или категории во траење од 30 дена до една година. Додека пак за  тој што нема возачка дозвола, забраната на управување со моторно возило опфаќа забрана за стекнување на возачка дозвола во период од 30 дена до една година.

Забраната на управување со моторно возило се евидентира во досието на возачот најдоцна во рок од 15 дена од  правосилноста на одлуката и започнува да тече од денот на евидентирањето во возачката дозвола.

Застарување

Застареност на поведување и водење на прекршочната постапка

Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат три години од денот кога е сторен прекршокот. Застарувањето на прекршочното гонење започнува од денот кога е сторен прекршокот.

Застарувањето се прекинува со секое процесно дејствие што се презема заради гонење на сторителот на прекршокот. Застарувањето се прекинува и кога сторителот во времето додека тече рокот на застареноста стори, исто така, тежок или потежок прекршок.

По секој прекин застарувањето започнува повторно да тече. Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното гонење.

Застареност на извршувањето на прекршочните санкции

Изречената прекршочна санкција не може да се изврши ако од денот на правосилноста на одлуката за прекршокот поминат три години. Застарувањето на извршување на прекршочната санкција започнува да тече од денот кога одлуката за прекршокот станала правосилна.

Застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежниот орган што се презема заради извршување на прекршочната санкција. По секој прекин застарувањето почнува повторно да тече.

Застареност на прекршочната санкција настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на извршувањето.

Доколку глобата се плаќа на рати рокот на застареност почнува да тече откако истекол рокот од последната рата. 

Извор: Правдико