За гасоводот на Водно ќе одлучуваат и граѓаните

Во одлучувањето за гасоводот на Водно ќе бидат вклучени и граѓанските организации. Владата попушти по притисокот што минатата недела го направија 10 граѓански иницијативи, кои јавно кажаа дека бараат да бидат вклучени во работната група формирана за наоѓање прифатливо решение за гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар поради кој почна ново уништување на парк-шумата Водно.

„Владата на Република Македонија смета дека консултацијата со граѓанскиот сектор во врска со активностите за гасификација и за заштита на животната средина како две меѓусебно поврзани области е особено важна и корисна. Затоа, во периодот што следува претставници на релевантните институции за овие прашања ќе одржат работен состанок со претставници на иницијативата ‘Спас за Водно’“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Тој не одговори на прашањето кога ќе биде состанокот на работната група, на кој ќе се решава за гасоводот на Водно ниту, пак, кажа дали досега на оваа тема се состанале претставници од Министерството за транспорт и врски, од АД „Македонски енергетски ресурси“ и од Град Скопје. Владата донесе заклучок да се формира работна група со претставници од овие три институции и ги задолжи во најкус можен рок да најдат заедничко прифатливо решение. Од донесувањето на заклучокот поминаа три недели.

Од граѓанските иницијативи, предводени од „Спас за Водно“, кои побараа вклучување во работната група, велат Владата им одговорила непосредно кога го поднеле барањето минатата недела, но во одговорот не стоело дека тие ќе бидат дел од работната група.

„Во одговорот на нашето барање од Владата стои дека го ценат нашето мислење и дека се подготвени да ги чујат нашите ставови. Бараат лице за контакт со нашата иницијатива, но вклучување во работната група не е спомнато“, велат од иницијативата „Спас за Водно“.

Заедно со нив се и „О2 коалиција“, „Стоп на загадувањето“, „Ние сме Карпош 4“, „Воздух сега!“, „Спас за Кисела Вода“, „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Граѓанска група Карпош 3“ и „Зелено Тафталиџе“. Тие се обединети во барањата итно да бидат вклучени во работната група за гасоводот на Водно, бараат отстранување на градежната механизација за изведба на гасоводот од пар-шумата, утврдување на границите на парк-шумата и нивно јасно обележување и неодложно усогласување на статусот на заштита на Водно со тековниот Закон за заштита на природата.

Тие се организираа кога пред четири недели в зори на Водно се искачија четири багери и почнаа да го рамнат теренот за изградба на гасоводот. Работите се стопирани кога планинарите алармираа за новото уништување на парк-шумата. Во меѓувреме Владата донесе заклучок за формирање на работната група, а од АД „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) кое е дел од неа, за „Макфакс“ изјавија дека менување на трасата за гасоводот би бил прескап зафат, кој воедно би ја одложил изградбата за неколку години. Од МЕР најавија дека нивен предлог за намалување на уништувањето на зеленилото на Водно ќе биде стеснување на трасата.