За еден ден 696 скопјани аплицирале за субвенции за велосипед

За само еден ден од објавувањето на јавните повици за доделување субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети, во Град Скопје поднесени се 696 барања од граѓани за субвенции за купен велосипед и 91 барање за субвенции за купен тротинет, информираат градските власти.

Годинава новитет е тоа што граѓаните ќе може да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари 2020.

Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.

Повиците ќе бидат отворени до 30 ноември годинава или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот прв дојден, прв услужен.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање субвенција за купување велосипед, а тоа важи и за субвенција за електричен тротинет.