За два до три дена мора да се донесе одлука од правен аспект како да се одложат изборите

Во следните два до три дена експертскиот тим формиран по вчерашната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски треба да предложи правно решение за одлагање на изборите закажани за 12 април во ситуација на ширење на корона вирусот.

Лидерите на политичките партии на средбата кај Пендаровски се согласија дека поради состојбата со корона вирусот е потребно одложување на изборите закажани на 12 април.

На средбата присуствуваа лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши и на Движењето БЕСА, Билал Касами. Во име на ДУИ на состанокот присуствуваат Бујар Османи и Изет Меџити, а од ДПА учествуваа Орхан Ибраими и Фримзим Даути. На средбата присуавуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.

-Приоритет во актуелната ситуација со коронавирусот треба да бидат животите и здравјето на граѓаните, заклучиле партиските претставници.

Експертскиот тим, пак, којшто се очекува да предложи решенија е составен од професорите Рената Дескоска, Гордана Силјановска-Давкова, Денис Прешова, Татјана Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Светомир Шкариќ и Александар Спасов. На средбите ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.

По нивната прва средба вчера попладнето беше соопштено дека експертскиот тим ги разгледувал правните аспекти за одложување на парламентарните избори закажaни за 12 април.

На средбата се дискутирало за повеќе можни решенија што произлегуваат од Уставот на Република Северна Македонија. Консултациите за начинот на одложување на изборите ќе продолжат и во следните денови, информираа од Кабинетот на државата.

Пендаровски: Постои ургентна потреба за одлагање на изборите

Претседателот Стево Пендаровски синоќа во телевизиско интервју рече дека одлуката за одлагање на изборите и како ќе биде направено тоа од правен аспект ќе мора да се донесе за два-три дена.

-Немаме никаква политичка намера да ја рушиме техничката влада ако ги одлагаме изборите, а јасно е дека ги одлагаме, и немаме намера да се враќаме на политичка влада. Значи, продолжуваме вака како и досега со техничката влада, со тие неколку министри и заменици министри од опозицијата, како еден вид на гаранција дека тоа што ќе биде дадено тоа и ќе биде навистина само со цел да се спречи ширењето на вирусот, истакна Пендаровски во интервју за „Топ тема“.

Претседателот посочи на средбата на седуммината истакнати правни експерти во неговиот кабинет, кои како што кажа, имаат прилично дисонантни тонови, различни мислења.

-Знаете онаа поговорка „два правника три мислења“, меѓутоа, јас се надевам, бидејќи станува збор за врвни експерти, дека ќе подготват барем две-три опции кои понатаму утре или задутре на политичко ниво повторно ќе треба да ги пресечеме, рече Пендаровски.

Претседателот образложи дека има неколку дилеми.

– Едниот став е дека Собранието по самораспуштањето не може да се собере назад, да се врати назад ни во случај на војна. Самораспуштено е и готово. Другото е, Собранието е самораспуштено, но мандатот на пратениците трае додека не дојдат новите пратеници избрани на следните избори. И вели, во екстра ситуации, како што е оваа, пратениците би морале да имаат право да се вратат назад, дури и да продолжат со работа не само за да одложат избори, туку и за да донесат некој закон кој е важен. Тука се кршат копјата. Има една прилично контроверзна одлука на Уставниот суд, ако паметите од 2016 година кога двапати ги одлагавме изборите. Вонредната состојба е важна и за тоа дали воопшто ќе можеме да ги одложиме изборите, образложи Пендаровски.

Тој нагласи дека е важно што и Државната изборна комисија пополека влегува во фаза на печатење на изборни материјали.

– ДИК пополека влегува во фаза, значи кога ги утврдува кандидатите и за следните неколку денови се планира влегување во процес на печатење на гласачкиот материјал. Четири милиони евра чини целата таа операција. Јас мислам дека тоа не треба да бидат пари кои ќе ги фрлиме туку така, ако сите сме свесни дека изборите ќе мора да се одложат, нагласи Пендаровски.

Тој даде пример дека во Франција, каде завчера се одржа првиот круг од локалните избори за 25 проценти е помала излезноста.

Пендаровски потенцираше дека во следните два-три дена ќе мора да се донесат одлуки.

– Јас ја чекам одлуката на Советот на правниот тим експерти вечерва кои работат кај мене, што тие сугерираат, како ова правно да го надминеме, а да биде правно фундирано, да не правиме еквилибристики на кои понатаму ќе ни се смеат сите други. Но, исто така е јасно дека постои ургентна потреба, не само политичка, за одлагање на изборите, потреба да се помогне на сите нас и да дојдеме во ситуација во која државата ќе може на најпродуктивен и најрационален начин да ги искористи ресурсите кои ги има, кои не се огромни, но се тука, заклучи шефот на државата.

Лидерите за одложување на изборите, но со свои предлози како да се направи тоа 

Прогласување на вонредна состојба, одложување на изборите и преземање економски мерки за помош на стопанството и граѓаните, беа предлозите на лидерот на СДСМ Зоран Заев, што како што истакна ги презентирал на средбата.

-Го споделивме ставот дека нема услови за спроведување на изборите и како одговорни политичари, сите наши капацитети и ресурси ги ставаме во функција за заштита на граѓаните во борба против коронавирусот. Согласно анализите и проекциите за економските последици, подготвуваме сет на економски мерки за помош на стопанството, фирмите и граѓаните, истакна Заев.

На средбата укажал на потребата за воведување вонредна состојба за да може пефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните, но и за економските мерки за помош на стопанството и граѓаните.

Заев се заблагодари на сите кои учествуваат во борбата против вирусот, како што се МВР, Армијата и службите и апелираше сериозно да се сфати ситуацијата и доследно да се почитуваат мерките и препораките од Владата.

Едногласна беше одлуката на лидерите на политичките партии дека здравјето и безбедноста на граѓаните се пред се и оти е неопходно да се одложат претстојните парламентарни избори што беа закажани за 12 април, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него, останува да се најде правен начин како тие да се одложат без да се повредат Уставот и законите, а за тоа, рече, правни експерти попладне ќе се состанат со претседателот Стево Пендаровски и ќе дадат мислење. Тој смета дека нема правен основ да се свика повторно Собранието и оти затоа треба да се бараат други начини.

Во врска со начините за справување со ширењето на коронавирусот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата смета оти не е потребно во моментов да се прогласува вонредна состојба, особено, затоа што, како што рече, иако е предвидена во Устав нема закон кои институции како би функционирале.

Затоа, смета тој, треба да се размислува за 30 дневна кризна состојба на целата територија, а дури потоа експертите да дадат мислење и да се прогласи вонредна ситуација, која во услови на распуштено собрание би ја донел претседателот Пендаровски. За кризна состојба, вели има Закон за управување со кризи, согласно кој можат да се одвиваат сите активности.

Мицкоски истакна дека како партија остануваат проактивни и ќе дадат придонес во справувањето со сотојбата на ширење на коронавирусот. Треба, рече тој, да се размислува и за економски мерки кои колку толку ќе помогнат во санирање на штетите во економијата што ќе ги предизвика ширењето  на коронавирусот.

На средбата не присуствуваше лидерот на партијата туку Бујар Османи, шеф на Изборниот штаб на партијата, кој рече дека заедничка била констатацијата дека изборите треба да се одложат.

-Тоа е став на ДУИ што го промовираме во претходните неколку дена затоа што здравјето на граѓаните е најважно во оваа ситуација и сакаме да го победиме вирусот, а помалку се важни другите политички процеси, рече Османи по средбата.

Нивната одлука следува и по консултациите кои претседателот на партија Ахмети ги имал во изминатите денови со претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, а дека, како што рече, задоволство е што и во поширок состав и од сите политички партии е постигнат консензус да се донесе одлука за одложување на изборите.

За начинот како оваа политичка одлука ќе се имплементира, односно за правните аспекти што ги дозволуваат Уставот и законите, рече,  останува на претседателот заедно со експертите и со понатамошна консултација со поголемите политички партии да се одлучува во наредните часови и денови.

Според него, техника влада бездруго треба да има бидејќи, како што рече, државата може да нема влада, но треба да има консултации со експерти по Уставно право за да се донесат одлуки. Експертите треба да дадат мислење, рече Османи, и за евентуална одлука да се повика Собранието, а засега таква одлука нема.

Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами по лидерската средба изјави дека едногласно, сите лидери одлучиле дека нема услови за избори на 12 април.

-Нов датум за нивно организирање не е утврден, тоа ќе треба да го проценат и кажат правни експерти, изјави Касами.

Според него, како и според сите останати лидери присутни на средбата кај претседателот Пендаровски, здравјето на граѓаните во овој момент е најбитно.

Касами рече дека веднаш по лидерската средба, кај Пендаровски ќе има консултации со правни експерти. Освен за одложување на изборите, ќе се разговара и за евентуално воспоставување кризна или вонредна состоба во државата.

-Оценивме дека сите, и партиите и институциите, треба да се обединиме околу кризата и посакуваме што поскоро да излеземе од неа и да се вратиме во нормала, дополни Касами.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски изјави дека како политичка партија се согласуваат да се одложат изборите бидејќи најважно во дадената ситуација е здравјето на граѓаните.

– Најважниот елемент во политиката е здравјето на граѓаните. Без здравје не може да има безбедност. Ја поддржуваме идејата да се одложат изборите. Се договоривме со сите други претседатели на политичките партии дека изборите треба да се одложат. Од друга страна група на експерти треба да ги најдат правните модалитети за одложување на изборите и потоа да се договириме за друг датум за избори. За таа цел, по нашата средба, ќе следува средба со експерти кои ќе ги разгледаат правните модалитети како ќе дојдеме до одложување на изборите имајќи предвид дека Парламентот е самораспуштен, рече Села на излегување од вила „Водно“.

Апелираше до Владата и до центрите за менаџирање да посветат повеќе внимание на кризните региони за хронично болните навремено да бидат снабдени со потребните лекови и сите останати граѓани со основните прехранбени продукти.

Одговарајќи на новинарско прашање, Села рече дека негов впечаток е оти граѓаните ги следат препораките од Владата.

Демократската партија Албанците ја напушти лидерската средба што ја свика претседателот Стево Пендаровски, во вила Водно.

Во изјава за медиумите Орхан Ибраими од ДПА рече дека тоа го направиле бидејќи одлуките биле однапред донесени од двете политички партии од македонсиот блок.

-Денеска сме присутни на овој состанок поради новата сериозна состојба со вирусот и предлагаме што побрзо да се воведе вонредна состојба. Го напуштивме состанокот затоа што мислиме дека како албански политички партии сме декор во овие институции и во оваа земја, затоа што одлуките однапред се донесени од двете македонски политички партии, изјави Ибраими.