За другарката која никогаш не се откажа од мене...

Драга другарке,

Знам дека сум хаос. Знам дека има моменти кога немам поим во кој правец се движам и што правам со својот живот. И знам дека сѐ уште ги немам разбрано работите и тоа ме плаши. Но, тоа некако не те плаши тебе. Ти никогаш не се сомневаш во мене, дури и кога јас го правам тоа.

Ти секогаш веруваш дека ќе најдам излез и благодарение на твојата поддршка, секогаш успевам да се снајдам. Знам дека сум тешка. Знам дека не те слушам секогаш и дека без оглед на тоа колку пати си ме предупредила за нешто или некого, јас сепак сум си терала по свое. И покрај тоа, ти никогаш не ми викаш: „Ама нели ти реков?“, туку секогаш ми служиш како рамо за плачење и не се изморуваш од моите драми. И покрај сите мои маани, ти ме прифаќаш таква каква што сум.

Никогаш не ми ги вадиш грешките низ нос. И не знам како го заслужив тоа, но навистина сум најблагодарна на овој свет што имам личност како тебе во мојот живот. Ти никогаш не се откажа од мене, дури и кога бев на дното. Секогаш стоеше до мене и ми подаваше рака да станам. И никогаш не ми дозволи да останам на дното. Благодарејќи на тебе, научив дека најсилните луѓе не се оние кои никогаш не паѓаат, туку оние кои стануваат после секој пад.

Освен тоа, ме читаш како буквар. Колку и да се смејам и да се правам среќна, секогаш забележуваш кога нешто не е во ред. И знаеш како да направиш да си ја испразнам душата пред тебе, без воопшто да ми судиш. Поради тебе никогаш не се чувствувам сама. Без оглед на ситуациите во кои се наоѓав, секогаш знаев дека можам да се потпрам на тебе. Ти секогаш беше тука за мене, никогаш не ме остави сама, дури и во моите најмрачни денови.

Сакам да знаеш дека ценам сѐ што имаш направено за мене. И знам дека и во иднина ќе бидеш покрај мене. Ти ми докажа дека постојат добри луѓе на овој свет и посакувам да имаше повеќе луѓе на светов како тебе.

Драга другарке, ти благодарам што ми дозволуваш да се потпрам на тебе кога мислам дека немам сила да продолжам и што среќните денови со тебе се уште посреќни. Ти си мојата карпа.

Со љубов,

Девојката која би била изгубена без тебе