За другарка прашувам...

Сите вие кои го правите тоа, нема потреба за тоа – знаеме дека лажете!

Добро, барем во 99% од случаевите, освен во ситуациите кога навистина имаш другарка која живее во пештера.

Немам ништо против тоа некој да праша нешто за другар или другарка, а и која сум да се мешам во тоа, но имам многу против човечко лицемерие. А тоа е тоа, во својот изворен облик.

За другарка прашувам: Дали е во ред да останам со дечкото иако многу се караме? Мислам знам дека ме сака, ама не знам што да правам.

Признај си сестро дека ти си таа која нема храброст, прво да седне и да поразговара сама со себе, ама онака искрено, па нема да ти треба стручно мислење од непознати луѓе низ интернетов во однос на тоа дали е океј да останеш со некој или не. Второ, стисни заби и прашај во свое име, некако е почовечно, а како што реков, знаеме дека лажеш, па повеќе си тераат мајтап луѓето кои навистина би се обиделе да ти помогнат кога отворено би прашала за себе.

За другарка прашувам: Каде да купам фустан со отворен грб?

Ако некој не ти дава да носиш таков фустан, ако ти е срам, ако некој те убедил дека не е за тебе – те разбирам. Но, не разбирам зошто би го мислела тоа или верувала во тоа и зошто не сакаш јавно да збориш за тоа.

За другарка прашувам: Дали да ѝ вратам на свекрвата кога ме навредува или подобро е да премолчам? Иако сѐ и сешто сакав да и кажам.

Ова ми е едно од омилените прашања кои се појавиле на интернет. Можеме со часови и денови да го анализираме односот свекрва – снаа и нема да заклучиме ништо паметно. Само добро ќе си се исплукаме, начесто. Колку свекрви и снаи, толку различни луѓе и различни односи. И вечното прашање: Зошто јавно не признаеш дека не си ја поднесуваш свекрвата, туку ја вплеткуваш пријателката, каде ќе ти оди душата?

За другарка прашувам: Како да ги уништам мравките во кујната?

Ова веќе би можела да биде другарката. Или ти е срам да признаеш дека ти се собрале мравки. Можеби некој ќе ти каже дека не си права домаќинка. Или дека „немаш вода во очи“. А тоа нема никаква врска со ништо. А најмалку со другарка ти.

Прашај си слободно што ти лежи на душа. Не биди пријателка сама на себе, всушност биди си своја најдобра пријателка. Прашувај слободно, во свое име, јасно и гласно, ако веќе си одлучила дека тоа е најдобар начин да си ги скратиш своите маки. Прашај, па сите другарски ќе ти одговориме.