За достигнувања во кинематографијата: Наградата „Eastern star“ за Манчевски во Трст

Македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски на 30. Меѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, што се одржа од 18 до 25 јануари ја доби наградата “Eastern star” за достигнувања во областа на кинематографијата.

Во негова чест беше прикажан и филмот “Пред дождот”, кој го освои “Златниот лав” на Филмскиот фестивал во Венеција, а беше номиниран и за Оскар. Овој филм Њујорк тајмс го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

За Манчевски ова признание било изненадување од организаторите бидејќи претходно било најавено само прикажување на неговиот филм, а тој бил поканет како почесен гостин на фестивалот. Проекцијата на филмот, пак, била целосно распродадена. Досегашни добитници на оваа награда се италијанската актерка Моника Белучи, француската актерка Ирен Жакоб и хрватскиот актер Раде Шербеџија.