За долг за сметки од 1.000 денари не смее да се наплати повеќе од 1.500 денари

Трошоците за извршување за долгови по основа на сметки за комунални услуги од 1 јануари 2017 година не се повисоки од 50 отсто од основниот долг. Односно за долг од 1.000 денари за сметки за режиски трошоци граѓаните не смее да платат повеќе од 1.500 денари.

Ова е основната новина во новата тарифа која ја донесе Министерството за правда.Со ова Владата презеде мерки за да ги заштити граѓаните од преголемите трошоци за извршувањето, од кои досега беа изгорени многу граѓани, кои за долг од 1.000 денари плаќаа и по 15.000 денари.

Според законот кој стапува во сила , со вонсудската наплата на долговите за заостанатите сметки за вода, ѓубрарина, одржување на заедничките простории во колективните згради, кабелската телевизија или телефон до 2.000 денари и за струја и парно до 6.000 денари, граѓаните должници треба да плаќаат само толку колку што пишува на сметката, а не неколкукратно повисока сума во која се собрани трошоците од сите претходни постапки до извршувањето, како оние за нотар, адвокат, судска такса, за извршител и други.

Граѓаните ќе имаат рок од 15 дена да го намират долгот за да не дојде до присилна наплата, со која цехот ќе биде неколкукратно повисок. Притоа претходно ќе мора да бидат известени од извршителите дека должат, а не како досега за долгот да дознаваат откако ќе им биде блокирана сметката, често за долг за кој не знаеле ниту дека постои. Праксата изминативе години покажа дека за долг од 1.000 до 2.000 денари граѓаните плаќаа и по 15.000 денари поради трошоците во извршната постапка, во која, освен за извршителот, влегуваа и солени суми за награди за адвокати, нотари.

Извршителските канцеларии деновиве беа преполни со предмети што ги добиле последниов период. Kомпаниите наголемо испратиле куп барања за извршување за помали суми за да ги искористат нормите од сегашниот закон бидејќи со новиот нема да им се исплати веднаш да праќаат налог за извршување за мали суми затоа што ќе треба авансно да го платат трошокот за почнување на извршната постапка.

Неофицијално, банките деновиве добивале по 4.000-5.000 налози од извршителите за блокирање на граѓаните. Засега нема официјален податок колку граѓани се со блокирани сметки и уште колку треба да се блокираат бидејќи за нив има решение за наплата на некој долг од сметка.