За да ви се отпишат каматите платете го заостанатиот долг

Отпис на каматите на старите долгови за комунални услуги граѓаните ќе можат да бараат само за сметките за кои судските решенија за извршување се издадени заклучно со 1 јули 2011 година, а потоа се доставени до нотар или извршител. Но, тоа што ќе се донесе посебен закон за отписот на каматите на овие долгови, не значи дека граѓаните со сигурност ќе се ослободат од нив, зашто се остава простор за отписот да одлучи доверителот.

Новиот предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште прво што го предложи опозициската ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, многу извесно ќе се донесе, зашто го поддржа и опозицијата.

Со него предвидено е физичкото лице кое должи прво да ја плати главнината заедно со судските, нотарските и извршителските трошоци, а потоа од доверителот писмено да бара да му ја отпише каматата, а се тоа треба да го заврши во рок од 12 месеци откога е почната постапката кај нотарот или извршителот. Со барањето треба да достави и доказ дека се освен каматата е платено. Доверителот, пак, во рок од 15 дена со препорачано писмо треба да му одговори дали каматата ќе му ја отпише целосно, делумно, или воопшто нема да направи отпис.

– Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од 8 дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот, предвидел предлагачот на ова ново законско решение.

Со предлог законот е регулирано и тоа дека министерот за правда во рок од 30 дена откако ќе влезе во сила, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, согласно критериумите утврдени во законот за извршување, треба да ја донесе Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и нотаратите за предметите за кои е предвиден отпис, а тоа се предмети кои произлегуват услуги од вршители на комунални дејности (електрична и топлинска енергија, вода и смет), телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 1 јули 2011 година, трансферирани кај нотар или извршител.