За да се спречи ширењето на болеста, ова скопско село било „заорано“ од двајца браќа - близнаци

Ново Село се наоѓа во Таорската клисура на левиот брег на реката Вардар, веднаш наспроти вливот на Кадина Река во Вардар. Од градот Скопје е одалечено 32 километри. Поврзано е со асвалтен пат со селата Пакошево и Зелениково, а до Ново Село оди автобусот 67а. Преку земјен пешачки пат е поврзано со селото Блаце и останатите села околу Катланово. 

Најстариот запис за селото потекнува од манастирски поменици од XVI век. Од историјата на селото, постои предание меѓу жителите, за една случка по која од тогаш големото село останале само 3 најстари родови во селото: Петревци, Батковци и Дојчевци (или Бојчевци или Дојчиновци). Во минатото Ново Село било големо село со 300 куќи, кои биле сместени крај Вардар и старата црква.

Една ноќ во селото дошле некои патници-трговци, кои побарале да преспијат ноќта за утрото да го продолжат патот. Тие преспале во една куќа, а утрото кога заминале, на половина пат на ридовите кон селото Блаце забележале дека дел од златото им било украдено. Тогаш тие го проколнале селото да испусте и никој жив да не остане.

По извесно време селото го зафатило некоја болест, од која починало голем дел од населението, а останале живи единствено родовите Петревци, Батковци и Дојчевци кои и до денес живеат во селото и се сметаат за најстари селски родови. За ова предание дека во минатото селото броело 300 македонски куќи, па „се батисало“ од чума, во своите записи запишал и Јован Трифуноски. Жителите на Ново Село еднаш во минатото доста умирале од колера, а источно од селото има гробови од селани кои тогаш умирале. За да престане болеста, Ново Село морало да биде „заорано“: тоа го извршиле двајца браќа - близнаци со волови кои исто така биле близнаци. Околу 1900 година, Ново Село имало само 18 македонски куќи.

Во времето на заминувањето на отоманската власт во 1912 година, селото било затечено како „вакавско село“ кое припаѓало на познатата Мустафа-пашина џамија во Скопје на која селаните ѝ давале 15% од житото и по уште 3 гроша од секоја куќа[. За време на Втората светска војна во селото се случила уште една интересна случка.

Бидејќи дел од жителите на селото уште во минатото ја признале патријаршијата и во него имало српско училиште, бугарската фашистичка војска сметајќи го селото за „србоманско“ или „српско“ сакала да го расели и интернира да работи во логори во Бугарија, мислејќи дека жителите се доселеници-колонисти од Србија. Но, при посетата на селската црква бугарските службени лица, забележале дека таа е доста стара и заклучиле дека селаните се староседелци, при што селото се спасило од интернација и раселување. .

Најстариот запис за селото со името Ново Село потекнува од манастирски поменици од XVI век. Поради тоа што во Скопско има неколку села со име Ново Село, имено во скопски Дервен, Средорек во Општина Ѓорче Петров, долината на Маркова Река, ова Ново Село во Општина Зелениково е познато и се нарекува и уште како Долно Ново Село или Ново Село на Вардар.