Клиниката за гинекологија и акушерство набавила лек со кој ќе се одложи предвременето породување за одреден период, за да има време да му се даде лек на бебето за зреење на белите дробови, а со тоа и да му се зголемат шансите за преживување, пренесува СДК.

Ова е една од мерките што Клиниката ги презема за да ја намали смртноста кај новороденчињата, која и во првиот квартал од годината беше висока, односно за првите три месеци од годината починаа 35 бебиња.

Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека поголем дел од починатите бебиња се предвреме родени, со мала родилна тежина и многу мали шанси за преживување, бидејќи органите им се неразвиени.

„Досега овој лек кај нас на Клиника го немаше и не се набавуваше. Станува збор за лекот атосибан, или антиокситацински препарат со кој директно се делува на тоа да се одложат контракциите и да се одложи предвременото породување, за да имаме време на бебето да му дадеме лек за зреење на белите дробови. За да делува овој лек кај бебето треба да поминат од 24 до 48 часа. Со тоа шансите да преживее се поголеми. Лекот за одложување на породувањето, кај нас не е регистриран иако не е нов лек. Пробно ни беше дадена донација од лекот, а сега и го набавивме“, вели д-р Јовановска.

Според статистиката од раѓањата на Клиниката за гинекологија 10 од 35 бебиња, кои починале во првите три месеци од годината се родени во периодот меѓу 22 и 25 гестациска недела од бременоста, а 80 отсто се родени под 28 гестациска недела од бременоста.

„Тоа значи дека бебето се родило на пет месеци од бременоста и кај ваквите плодови шансите да преживеат се мали, како и шансите да преживеат без понатамошни последици по здравјето исто така се мали“, вели Јовановска.

Таа објасни дека дел од бебињата се родиле со аномалии на органите, а и дека значителен дел со инфекции кои им ги пренела мајката за време на бременоста.

Јовановска кажа дека Македонија во 2015 година ја прифатила дефиницијата на Светската здравствена организација смртноста кај бебињата да се смета од 22 до 25 гестациска недела, иако можноста овие бебиња да преживеат се мали. Вакво намалување на границата е прифатено за да може статистички да правиме споредба со останатите земји од светот колкав е морталитетот кај бебињата и што треба да се преземе за да се намали. Лекарите од ГАК на денешниот брифинг со новинарите најавија дека ќе побараат границата да се врати до 25 гестациска недела од бременоста, како што е во соседна Србија и Бугарија.

„Нашите колеги од Бугарија, која се подготвува пак да ја намали оваа граница на 22 гестациска недела од бременоста, се вознемирени, бидејќи реално ќе се зголеми смртноста на бебињата и кај нив“, рече д-р Лилјана Којиќ, педијатар на ГАК.

Од 4.500 до 5.500 раѓања на Гинекологија годишно, околу 800 се предвремено родени деца, или на ниво на целата држава предвреме родените бебиња се 11 отсто од вкупниот број родени.

Според д-р Горан Кочовски, гинеколог на ГАК, компликациите од инфекции кај мајката во текот на бременоста секаде во светот се голем проблем, и 40 отсто од предвремените породувања во светот се должат токму на нив. Тој објасни дека во 2014 година е формиран Комитет од стручњаци, кои требало да направат анализа зошто расте смртноста кај бебињата, но дека тогашното раководство во Министерството за здравство немало интерес овие анализи да се направат и дека кога зборуваат за причините за смртност тоа е нивната пракса на Гинекологија.

Јовановска најави дека во тек е конкурс за вработување на нови 20 медицински сестри на Клиниката, пет анестезиолози и пет педијатри, со кои треба да се зајакне работата на Интензивната нега.