За да не плаќате од свој џеб - кога одите на лекар во странство, еве што треба да знаете

Патничкото осигурување станува неизбежен дел од багажот на македонските граѓани кои патуваат во странство, особено кога одат на годишен одмор.

Се вади во осигурителните компании, преку нивните брокери и во туристичките агенции, а оттаму велат дека граѓаните при престој во странство досега најмногу го користеле за помали медицински интервенции, како што се третман на изгореници од сонце, вадење боцки од морски еж. болки во уво, иако покрива и поскапи хрируршки интервенции.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) посочуваат дека граѓаните се задоволни од тоа што го добиваат со патничкото осигурување, а доказ е податокот дека годинава до нив дошла само една поплака и тоа таква, што не се однесува на медицински третман, туку на украден багаж од незаклучено возило, за што агенцијата која го издала патничкото осигурување одбила да исплати отштета.

- Секогаш кога има незадоволни, станува збор за непознавање, информираат од АСО и посочуваат дека кога ќе дојде моментот да се искористи патничкото осигурување, задолжително треба да се прочита што пишува на него.

Различни осигуритерлни компании издаваат различно патничко осигурурвање. Со некое граѓаните не можат да одат во која било медицинска установа за да добијат медицински третман, туку треба прво да се јават на телефонскиот број назначен на полисата и да добијат инструкции каде да се упатат. Ако се упатат на лекар на своја рака, за третманот ќе мораат да си платат, а потоа осигурителната компанија нема да им ги рефундира парите.

Други компании, пак, им овозможуваат на корисниците на патничкото осигурување самите да ја изберат медицинската установа, а потоа кога ќе се вратат дома во рок од три дена со сметката треба да побараат враќање на парите. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека осигурителните компании во таквите случаи редовно ги рефундираат парите до сумата определена со полисата.

Најголемите забуни се случуваат со осигурувањето со франшиза, кое е поскапо, но покрива поскапи медицински интервенции за време на патувањето во странство. Но, ако франшизата на пример е на 200 евра, а лекарската услуга е поевтина, чини на пример 180 евра, тогаш нема враќање на парите. Франшизата, всушност, покрива скапа хируршка интервенција, но не и поправка на заб. Дел од корисниците на ваквото осигурување не ги знаат овие детали, па реагираат кога нема да им бидат вратени парите. Затоа, дел од туристичките агенции, како што информираат, годинава престанале да го нудат со аранжманите за летување.

Инаку, различни осигурителни компании имаат различни патнички осигурувања со различни цени. Така, некои имаат понуда и за лицата кои одат на капење за викенд во Грција. Ова осигурување е најевтино и чини помалку од 100 денари. Обично туристичките агенции кои се и дилери на патничко осигурување пакетите што ги нудат ги прилагодуваат на аранжманите што ги продаваат. Така, во повеќето за седумдневните аранжмани се издава полиса за осум осигурени денови, која чини околу 200 денари. За 10 дена осигурувањето чини 247 денари, додека има и годишно, кое покрива 30 дена по цена од 296 денари, но е само за соседните земји.

- Поради забуните што настануваат ние воопшто не продаваме патничко осигурување со франшиза, туку само обично. Од осигурителната компанија со која соработуваме нудиме семејно патничко осигурување за 15 дена, што за возрасните чини 180 денари, а за децата 90 денари. Со ова осигурување се покриваат трошоци од нула до 10.000 евра, информираат од една скопска туристичка агенција.

Лицата постари од 65 години, поради поголемата подложност на здравствени ризици, за сите видови осигурувања плаќаат двојно повисока сума, а осигурителните компании постануваат возрасна граница од 70 до 72 години, над која воопшто не издаваат патничко осигурување.

Граѓаните треба да знаат и дека патничкото осигурување, какво и да е, се однесува само на акутни здравствени проблеми, односно такви кои настанале за време на престојот во земјата, а не и на хроничните. Медицинските услуги и другите незгоди што ги покрива патничкото осигурување најмногу зависат од избраниот пакетот, но по правило ги покрива трошоците за итен медицински третман, лекови, итен медицински превоз и сместување во болница, за итен стоматолошки третман, трошоци од незгода, но и за смртен случај настанат при некоја незгода, како и за траен или делумен инвалидитет кој настанал во текот на патувањето.

Накратно, со основниот осигурителен пакет е опфатено третирање на сите здравствени проблеми кои се случуваат при патување, како силни алергиски реакции од убоди на инсекти, повреди здобиени во сообраќајна незгода, инфузија за многу висока температура, екстремно повраќање, скршеници и сите други медицински интервенции кои не можат да чекаат до враќањето во Македонија. Ова бесплатно им следува и на бремените жени, но само до 28. недела од бременоста, до кога важи патничкото осигурување.

Со доплата, освен на здравствените услуги патничкото осигурување се однесува и на сигурноста на багажот и автомобилот. Но, ако се работи за украдена техничка стока, како на пример лаптоп, таблет или мобилен телефон, тогаш таа треба да е пријавена на граница, а тоа ретко се прави.