Папата во Македонија не доаѓа само за католиците, велат од Католичката црква во пресрет на посетата на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој на 7 мај ќе ја посети земјава и ќе одржи свечена литургија на плоштадот Македонија во Скопје.
Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на светата литургија ќе мора да се регистрираат и да добијат билет. Билетите се делат бесплатно и ќе им бидат дадени на сите граѓаните кои ќе се регистрираат.
-Папата доаѓа не само за католиците, туку и за сите со добра волја кои сакаат заедно да чекориме напред. Очекуваме Папата да биде пречекан во атмосфера на радост и да испрати пораки на охрабрување и на соживот. Ова е за целата земја еден голем благослов – вели отец Гоце Костов.
Од вчера билетите можат да се подигнат во католичките парохии низ државата.
Според агендата, се очекува Папата да пристигне во 08.15 часот утрината на 7 мај. Во Претседателската палата ќе се одржи церемонија за добредојде, по што ќе следи средба со претседателот и со премиер на државата, а потоа со државниот врв, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Најавена е посета на Спомен куќата на Мајка Тереза заедно со лидерите на верските заедници, а потоа и средба со сиромашните. По ова ќе следи светата миса на плоштадот Македонија.
Планирано е Папата да биде официјално испратен во 18.30 часот на скопскиот аеродром од каде ќе замине за Рим.