За „Црн петок“ пазарните инспектори констатирале лажни попусти

„Црн петок” во Македонија – маркетиншки трик за празни кеси и полни каси. Пазарните инспектори во петокот во моловите во Скопје извршиле проверки, дали трговците даваат реални попусти. Во над 30 акциски надзори, најголем дел од пропустите се кај трговците кои не го почитуваат новиот закон за потрошувачи. Тој предвидува на производите да биде означена старата цена, а до неа новата која е на попуст. Праксата кај трговиците е пак, врз старата цена да биде залепена нова, па многу често се случува цената да е иста, а само да се дава впечаток во јавноста дека производот е на попуст. Онаму каде што инспекторите утврдиле пропусти, на трговците ќе им бидат изречени опомени со решенија, а доколу не ги поправат забелешките, предвидени се и парични казни.

Покрај најавените попусти за „црн петок“, сепак во поголемиот дел од моловите и продавниците попустите е наведено дека ќе траат цел викенд. И денеска пазарните инспектори се на терен, но во продавниците за бела техника каде што ќе утврдуваат дали се крши законот за потрошувачи од страна на трговците.

Граѓаните пак по социјалните мрежи коментираат – попустите во Македонија не се реални.

– Блек фрајдеј, а цените намалени само за нешто ситно. Нема вистински попусти кај нас. Над 80% од луѓето само разгледуваат и се шетаат во топло… Кое намалување, се дел од коментарите на акциите кои ги објавуваат моловите.

Доколу купувачите утврдат лажни попусти, нереални цени или прекршување на законот за потрошувачи, од Државниот пазарен инспекторат велат треба да се пријави на нивната веб страна или пак на бројот 181.