За 7-10 дена најзаразниот ковид сој „кракен“ ќе го има и во земјава

Кракен, подвидот на коронавирусот, за неколку дена ќе биде присутен и во земјава, велат епидемиолозите.

Има лесна клиничка слика, апелираат да се внимава, поради постковид симптомите...

Десетина дена беа потребни подваријантата на Омикрон од Америка да проциркулира низ Европа. Очекувано беше да се јави нова мутација која е позаразна, вели епидемиологот Сашко Олумчев во изјава за МТВ.

-Засега „Кракен“ го нема во Македонија, но за кратко ќе се појави, за недела или 10 дена најмногу ќе добиеме и серолошка потврда, очекува лекарот.

На удар се оние со кревко здравје.

Студиите кои се правени на голем број испитаници покажуваат дека вакцината е најдобра заштита. Смртноста кај вакцинираните е намалена за преку 80 проценти кај пациенти над 65 години во однос на невакцинирани.

Олумчев не очекува голем број на хоспитализации, но амбулантите ќе бидат полни со заразени граѓани, особено ако се тие работоспособни што може да се одрази врз економијата.