За 300 евра плата на нов вработен, 60 евра од државата

Државна помош нема да се дава за нови вработувања со минимална плата. Според новите пакети за поддршка на нови вработувања, кои се најавени да стартуваат од март наредната година – помош за компаниите ќе се дава само доколку даваат плата која е за 50% повисока од минимално загарантираната со закон.

– Немаме потреба како влада да субвенционираме нови вработувања со минимална плата – вели потпретседателот на владата Кочо Анѓушев.

Така, при исплата на нето-плата која е за 50 проценти поголема од минималната нето-плата, државната помош ќе биде 20 проценти. Оваа помош ќе важи за ново вработување на оние што сега го завршиле школувањето, на некој што три месеци активно бара работа, кој останал без работа поради стечај или кој е вработен во јавната администрација за да направи трансфер во приватна фирма.

Ако се земе предвид дека минималната плата изнесува 12.000 денари, ова значи дека поддршка за оние вработени кои ќе земаат 18,000 нето-плата, од кои државата на работодавецот ќе му субвенционира 20% или 3600 денари.

Поддршка ќе има и во нови инвестиции, така што компаниите ќе може да побараат 10 проценти од вложените средства во опрема, објекти или земјиште, но до максимум 1 милион евра во периодот од 5 години.

За да се задржат младите, пари има и за компании што ќе оформат креативни развојни центри. И овде поддршката може да биде до 1 милион евра за 5 години.

Ако фирмите остварат раст од 5 проценти во последните три години, можно е да добијат 10 проценти од инвестициските трошоци за зголемување на конкурентноста на нови пазари, а ако тоа се прави на пазари од Балканот, следуваат уште 20 проценти.

Од март наредната година секоја фирма може да избере пакет со мерки кои најмногу ѝ одговараат за да придонесе кон нови вработувања со повисоки плати, за да го ангажира младиот образовен кадар, да ја зголеми конкурентноста, да обезбеди производи за извоз, а мерки ќе има и за привлекување на странските инвеститори.

За оваа намена во Буџетот за наредната година се издвоени 50,4 милиони евра, или 46 проценти повеќе од годинава.

Мерките се опфатени во Планот за економски раст, кој на увид на јавноста беше 3 месеци.

– Во планот се интегрирани забелешките и очекувам до крајот на февруари Владата системски да ги уреди, за да можат компаниите од март да ги користат мерките – рече премиерот Зоран Заев.