За 10 дена на аукција ќе се избере универзален снабдувач со електрична енергија

Во наредните десетина дена ќе заврши аукцијата по што ќе се избере универзален снабдувач со електрична енергија.

Двете заинтересирани компании „ЕВН снабдување“ и „ЕЛЕМ трејд“ ги исполнуваат сите услови, а ќе се избере онаа која ќе понуди најмала маржа на поддавањето, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.

Тој нагласи дека до формално-правно почнување на вршењето на дејноста на универзален снабдувач ќе треба да поминат уште два до три месеци во формални постапки пред РКЕ за добивање на неопходните дозволи.

-Согласно Законот за енергетика и двете компании што се заинтересирани да станат универзален снабдувач ќе треба да формираат посебна компанија со цел да ги одвоиме регулираната од нерегулираната дејност. На таа компанија РКЕ ќе и издаде лиценца за снабдување со електрична енергија со обврски кои се однесуваат на универзалниот снабдувач. Тоа го правиме со цел да нема прелевања на финансиски средства од нерегулиран на регулиран пазар и малите потрошувачи кои останале на регулираниот пазар да не ги покриваат загубите кои евентуално снабдувачите би ги направиле на слободниот пазар на електрична енергија, појасни Бислимовски наденешната прес-конференција.

Компанијата што ќе биде избрана за универзален снабдувач, потенцира, ќе треба да формира посебна компанија што ќе вирши дејност универзален снабдувач, но дотогаш ЕВН Македонија АД Скопје ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата по цени што ги определува РКЕ.

-Се потврдува дека нема да има никаков прекин во снабдувањето и никаква промена во цената на електричната енергија за домаќинствата во процесот на профункционирање на универзалниот снабдувач, а дополнително АД ЕЛЕМ има законска обврска да ги снабдува и да обезбеди најмалку 80 отсто од потребите на потрошувачите, рече Бислимовски и додаде дека процентот ќе се намалува во наредните седум години се до најмалку 30 отсто од потребите.

На денешната седница РКЕ додели привремена лиценца за вршење енергетска дејност производство на електрична енергија за малите хидроелектрани „Тополки“ и „Актуел енерџи“, како и лиценца за снабдување со електрична енергија за „Флоу пауер“.