Второто мислење ѝ го спасило животот – скопјанка за својата голгота со „фиктивна операција на срце“

Скопјанка, која сака да остане анонимна, за „Скопје Инфо“ ја сподели својата здравствена голгота што, како што вели, можела да заврши со непотребна операција на срце.

По влошување на здравствената состојба, таа побарала помош на Ургентниот центар во една од државните болници, каде моментално ѝ бил стабилизиран проблемот и била препратена на дополнителни испитувања. По завршените неколкудневни прегледи и направени снимки, лекарот кој ја следел ѝ кажал дека е неопходна итна операција и ја упатил кај конкретен доктор во приватна клиника.

„Ми рече: ‘Одете таму, најавени сте, докторот ќе ве чека’. Наместо да бидам упатена во државна болница, ме пренасочија во приватна клиника,“ раскажува скопјанката.

Иако ѝ било нагласено дека операцијата е итна и не трпи одложување, пациентката почувствувала дека нешто не е во ред и одлучила да побара второ мислење. Овојпат се консултирала со друг специјалист – кардиолог кој не бил поврзан со првиот доктор и приватната клиника што ѝ била препорачана.

„По дополнителните испитувања ми кажа дека срцето и крвните садови ми се во добра состојба, дека нема потреба од операција и дека е доволна само медицинска терапија,“ вели таа.

Со ова, како што додава, била поштедена од непотребна операција и значителни финансиски трошоци. „Сè ми изгледаше како измонтирано сценарио за некој да профитира врз моето здравје,“ нагласува таа.

Скопјанката апелира до сите граѓани да бараат второ мислење пред да прифатат сериозен оперативен зафат. „Во паника за своето здравје често носиме брзи и нерационални одлуки, но токму тие одлуки можат да нè чинат и живот,“ порачува таа.

Во меѓувреме, Министерството за здравство соопшти дека е формирана интерна комисија која ќе прави анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата. Комисијата е составена од доктори од повеќе клиники и болници, како и претставници од Фондот за здравство (ФЗОМ) и Министерството за здравство.

„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството,“ изјави министерот Азир Алиу.