
Денеска се одржа втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, највисокото тело на заедницата, составено од сите градоначалници и од членовите на Комитетот на советите при ЗЕЛС.
Градоначалникот на Скопје, а воедно и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски сподели дека дискутирале за важни прашања од работењето на локалната власт, за она што постигнале, до каде се и каде ќе ги насочат нивните иницијативи во следниот период.
„Имаме нов Стратегиски план на ЗЕЛС 2026 -2030 година во кој се утврдени три стратегиски цели: лобирање пред централната власт, како најважна активност на ЗЕЛС, но и јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на општините за непречено спроведување на електронските услуги. Нашите барања се сеопфатни и се во насока на континуиран развој на локалната самоуправа, јакнење на финансиската стабилност на општините и продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта во земјава“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека во „Систематизираните ставови на ЗЕЛС“ - документ на ЗЕЛС во кој се утврдени сите предизвици на општините, од сите области што се во надлежност на локалната власт, дале и низа предлози за нивно решавање. Како најважен го посочи делот на финансирање на локалната власт, каде барале обезбедување на најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок, по пример на општините од регионот и Европа.
„Во изминативе две години добиваме силна поддршка од Владата за инфраструктурни проекти, потоа од одредени програми и проекти добиваме средства за патишта, за изградба на канализации, за комунален отпад и слично, но за да имаме јакнење на локалната власт и поголема финансиска самостојност, потребно ни е предвидливо финансиско планирање и учество на локалната власт во бруто домашниот производ, поголемо од сегашните 5%. Во согласност со потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата на Македонија, планираме да ги реализираме и предвидените ,,буџетски средби“ каде навремено ќе можеме да реагираме за обезбедување на повеќе средства во блок дотациите за локалната власт. Сакаме продлабочување на децентрализација на власт, но секогаш со обезбедување на средства колку што се потребни за квалитетно спроведување на префрлените надлежности“, вели претседателот на ЗЕЛС.
Во изминатиот период, Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС обезбедил анализи и предлог-модели како и каде да се спроведува децентрализацијата во делот на социјалната заштита.
„Сите сме согласни дека општините се тие кои се најнепосредно запознаени со состојбите на своето население и впрочем граѓаните за каков и да е вид на социјална поддршка секогаш прво се обраќаат во општината. Веќе се отпочнати разговори, правиме анализи и во наредниот период ќе имаме доста активности на ова поле. Она за што ќе се залагаме е и подобрување на состојбите во делот на противпожарната заштита. Имаме значително подобрување во делот на наменските дотации за територијалните противпожарните единици, односно една милијарда, или дупло од претходната година“, објаснува тој.
Нагласи дека престои жешко лето и во делот на меѓусебно помагање на општините, каде во рамки на ЗЕЛС утврдиле еден Кризен штаб кој ќе ја има улогата за подобрување на координација на луѓе и опрема во кризните моменти.