Втор смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава.

Photo by Rapha Wilde on Unsplash
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починал 72-годишен скопјанец кај кого лабораториски била потврдена инфекција со вирусот West Nile.
Пациентот бил примен во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија и тешка форма на менингоенцефалитис – воспаление на мозокот и мозочните обвивки. И покрај интензивното лекување, неговата состојба продолжила да се влошува.
„За жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход“, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 24 пациенти. Кај 19 инфекцијата е лабораториски потврдена, додека пет се суспектни и се чекаат резултатите од дијагностичките испитувања.
Седум пациенти имаат потешка клиничка слика и се под постојан интензивен медицински надзор, а пет се приклучени на механичка вентилација. Останатите се лекуваат на Одделот за невроинфекции и се во стабилна состојба.
Од Клиниката посочуваат дека досегашните смртни случаи се кај повозрасни лица со коморбидитети и други придружни заболувања.
Ова е втор смртен случај од западнонилска треска во земјава. Претходно почина 83-годишен пациент.